Љупка Вртева влезе во топ-12 највлијателни инженерки во светот: „Се трудам технологијата да се приспособи на човекот, а не човекот на технологијата“

Љупка Вртева влезе во топ-12 највлијателни инженерки во светот: „Се трудам технологијата да се приспособи на човекот, а не човекот на технологијата“

Подготвил: Орце Костов

Лектор: Ивана Кузманоска

Македонката Љупка Вртева, која живее и работи во Словенија, е избрана меѓу 12. највлијателни инженерки во светот за 2026 година. Меѓународниот престижен избор „Жени инженери што треба да ги познавате – 2026“ го организира Друштвото на жени инженери (SWE).

- Мило ми е што ова признание дојде токму од меѓународната инженерска заедница. Искрено, не го доживувам како нешто што го менува моето секојдневие. И понатаму најважни ми се работата, проектите и можноста постојано да учам. Но, убаво е кога некој ќе препознае дека тоа што го правиш има вредност и надвор од средината во која работиш - ги сподели првите импресии Љупка Вртева за Факултети.мк.



„Жени инженери што треба да ги познавате – 2026“ е меѓународен избор на Друштвото на жени инженери, во чии рамки секоја година се избираат од десет до петнаесет инженерки од различни земји и инженерски области чии достигнувања и професионален придонес се препознаени како инспирација за идните генерации.

- Во образложението за мојот избор беше истакнато дека во мојата работа ги поврзувам техничката извонредност, следењето на потребите на луѓето, како и дека преку мојот професионален ангажман придонесувам за поголема видливост на инженерската професија. Мислам дека ваквите признанија повеќе зборуваат за системот и околината во која се стекнува некое знаење и искуства отколку за поединецот. Ако преку една ваква приказна барем еден млад човек добие поинаква претстава за инженерството и се охрабри да тргне по тој пат, тогаш сето ова има вистинска смисла - вели Вртева.

Љупка, која живее и работи во Љубљана како развоен инженер, уште пред две години беше прогласена за Инженер на годината во Словенија, а ова признание само ја потврди нејзината позиција меѓу светската научна елита.



- Во инженерството ретко што е резултат на работата на само еден човек. Зад секој проект стојат многу луѓе, различни знаења и добра соработка. Затоа ова признание го доживувам и како признание за сите со кои сум работела и од кои сум учела низ годините - додава таа.

Досега најголем дел од нејзиното професионално искуство е поврзан со проектирање поголеми енергетски системи за згради, со фокус на системи за греење, ладење и вентилација, како и на енергетска ефикасност и интеграција на обновливи извори на енергија.

- Во мојата работа секогаш се трудам технологијата да се приспособува на човекот и неговите потреби, а не човекот да мора да се приспособува на технологијата. Верувам дека доброто инженерско решение не е само технички исправно, туку и функционално, интуитивно за користење и навистина му го олеснува секојдневието на човекот. Секое вакво признание е потсетник дека секогаш има простор за учење и напредок. Тоа ми е многу поважно од самото признание - истакна нашата инженерка.



Претходно во интервју за Факултети.мк по повод наградата „Инженерка на годината“ во Словенија, Љупка откри дека пораснала во фамилија на музичари и економисти и сакала да биде поразлична - како дете била многу креативна, но сакала нејзината имагинација да ја претвори во нешто видливо.

- Според мене, токму таа детска имагинација ме наведе на патот на инженерството. Се сеќавам, во основно училиште, мојата одделенска наставничка Гонца Поп-Пецева, со сета своја трпеливост и љубов кон нас децата, неуморно го развиваше тој наш креативен дух. Мислам дека тој креативен дух од тие детски денови успешно го негувам и го развивам до ден-денес. Всушност, креативноста и иновативноста се фундаментот на инженерството. Инженерството е секојдневие. Инженерството е начин на живеење - истакна Вртева.

Додипломските и магистерските студии ги завршила на Машинскиот факултет во Љубљана и во 2019 година ја завршила меѓународната едукативна програма „EUREM Energy Manager“ на Институтот „Јожеф Штефан“. Ја избрала Словенија поради желбата за правдина во училишниот систем, бидејќи спротивното го почувствувала на своја кожа во Струмица.

Љупка прво развила компјутерска програма за механичка вентилација на згради, а сега дизајнира нови ефикасни енергетски системи.
Вртева се вработила како развоен инженер во „Петрол“ и вели дека имала среќа што се вклучила во исклучително професионален тим на инженери во кој била почитувана и колегите го ценеле нејзиното знаење.



Таа сака да им го доближи своето знаење на луѓето, да им даде можност да се едуцираат и да разберат што всушност значи енергијата.

- Многу малку ја цениме енергијата, независно од тоа дали е електрична или топлинска. Потребно е многу да се едуцираме на тоа поле за да можеме да разбереме како да ја искористиме произведената енергија на поефикасен начин. Кога ќе го научиме тоа, можеме да размислуваме за различни ефикасни системи и нивна имплементација. Јас настапувам како развоен инженер, сакам со моите знаења и способности да помогнам во димензионирање поефикасни системи за потребите на греење, вентилација и ладење на објекти - објасни таа.

Фото: приватна архива