„Ројтерс“ објави сторија за мала фабрика во Македонија што им дава нов живот на старите фудбалски дресови

„Ројтерс“ објави сторија за мала фабрика во Македонија што им дава нов живот на старите фудбалски дресови

Додека фудбалската еуфорија го зафаќа светот за време на Светското првенство, една мала фабрика во Македонија покажува дека спортот може да придонесе и за позелена иднина.

Компанијата „Депакон“ им дава втор живот на фудбалските дресови - од нив прави чанти, капи, паричници и други модни додатоци. Наместо илјадници неискористени спортски дресови да завршат на депонии или да бидат уништени, тие добиваат сосема нова намена.

Дресовите пристигнуваат преку холандскиот партнер „ФК88“, кој ги собира од фудбалски клубови и национални репрезентации. Најчесто станува збор за нови, но непродадени дресови што остануваат по промена на спонзорите или по воведување нови гарнитури. Обично ваквите резерви се уништуваат за да не се појават на пазарот, но наместо тоа, во оваа компанија тие се претвораат во уникатни производи.

Секој производ е рачно изработен, а поради различните дизајни, бои и ознаки на дресовите, речиси секое парче е уникатно. Така, препознатливите елементи од оригиналните спортски гарнитури остануваат видливи и во новите производи, што им дава дополнителна вредност за љубителите на фудбалот.

Покрај намалувањето на текстилниот отпад, проектот придонесува и за развојот на циркуларната економија, модел што сè повеќе се применува во светот со цел материјалите да се користат повторно наместо да се фрлаат. 

 

Извор: Reuters
Фото: Screenshot/Facebook