Деновиве сме сведоци на повторно актуализирање на темата поврзана со врсничкото насилство. Последниот монструозен случај во Аеродром, каде што група малолетнички брутално малтретираат своја соученичка, ја тераат да клечи на колена и да моли за извинување додека другите снимаат со телефони и се смеат, го допре самото дно на нашата колективна реалност. Ова веќе не е обичен конфликт во училишниот двор. Ова е садизам во живо и брутална манифестација на целосна емоционална анестезија кај младите, која како таква уште еднаш ја разбрани јавноста околу неопходноста од енергично дејствување за сузбивање на ваквите појави, но и гласно го постави прашањето за одговорноста на родителите и наставниците и воопшто на целата општествена заедница.
Кога се случува врсничко насилство, или популарно наречениот булинг, и кога има ученици кои се жртви на физичко и психичко малтретирање од страна на нивни врсници, нема оправдување ниту за училиштето ниту за семејството.
Систематското занемарување на воспитната функција на училиштата, која треба да е интегрален дел од целокупниот воспитно-образовен процес, придонесе во огромна мера да се влоши состојбата во нашите основни и средни училишта и да се зголеми врсничкото насилство. Се чини дека училиштето одамна ја изгуби својата суштинска улога – да воспитува и да развива вредности кај децата како што се: хуманост, меѓусебно почитување, солидарност, помош и поддршка, и секако емпатија. Наместо тоа, во денешниве училишта се чувствува апатија во воспитен поглед и за тоа се свесни и наставниците, а тоа го чувствуваат и родителите. И на едните и на другите, кои се најважните фактори во развојот на една личност, им треба поддршка со цел да се застане на патот на врсничкото насилство кое навистина станува алармантно и опасно за целата држава.
Како професор по Методика на воспитната работа, но и како родител, енергично укажувам на потребата да се работи на развивање емпатија кај децата уште од предучилишна возраст, насочено и целно. Казната сама по себе не раѓа сочувство; За да се справиме со ова зло, како општество мора итно да имплементираме четири издржани, системски предлози.
1. Емпатијата мора да стане предмет исто како математиката
Емпатијата не е апстрактен талент со кој некои деца едноставно се раѓаат, а некои не. Таа е релациска вештина која се тренира и вежба како да се ставиш во кожата на другиот, да ги спознаеш неговите чувства и емоции. Мојот конкретен предлог е во рамките на постојната наставна програма за Животни вештини (иако нема посебен предмет, содржините се реализираат на одделенските и класните часови) уште од прво одделение да се вклучи разработка на специјализирани текстови и приказни за емоционална интелигенција во кои најзначајно место би се посветувало на емпатијата.
Развиените образовни системи веќе одамна го применуваат ова во практика. На пример, во Кина, но и во скандинавските земји, В. Британија и др. децата уште од прво одделение систематски навлегуваат во тајните на емоциите преку задолжителни програми за емоционална интелигенција. Таму децата не се учат да ги потиснуваат чувствата за да бидат послушни, туку преку игра и секојдневни вежби учат како да го именуваат својот внатрешен свет – да препознаат кога се лути, уплашени или осамени, и каде ја чувствуваат таа емоција во телото. На тој начин тие развиваат силен личен интегритет и емоционална писменост уште од 6-годишна возраст. Кога едно дете навреме ќе научи да го артикулира својот бес со зборови, во пубертетот тоа нема да има потреба да го изразува истиот тој бес преку физичко понижување на соучениците.
Кај децата од најрана предучилишна и училишна возраст тоа мора да се прави преку приказни каде што ликовите прават грешки и чувствуваат силни емоции, а децата вежбаат да ја менуваат перспективата (т.н. когнитивна емпатија). Веќе во погорните одделенија тоа мора да бидат реални студии на случај, отворени разговори и дебатирања во кои учениците ќе градат ставови и активно ќе вежбаат како да кажат гласно „НЕ“ на притисокот од групата. Успехот на еден училиштен ден не смее да се мери само според тоа колку е реализираната наставна програма, туку според тоа дали децата научиле да го заштитат соученикот/чката кој/а е во неволја. Нашите училишта мора итно да го преземат овој модел и да сфатат дека без емпатија, високиот интелект создава само технолошки напредни насилници.
2. Од „тивко мнозинство“ до активни заштитници
Во случајот во Аеродром, најстрашниот детаљ не е само чинот на насилство, туку децата што стојат настрана, снимаат со телефони и се смеат. Тоа е т.н. тивко мнозинство – набљудувачи кои подлегнуваат на врсничкиот притисок за да си ја зачуваат сопствената безбедност во групата. Како возрасни сигурно се прашуваме како може да „уживаат“ во насилството и ниту еден да не отиде да му помогне на малтретираното девојче? Кога образовниот систем од децата тренира само слепа, административна послушност, тоа раѓа само бесчувствителност.
Училиштата мора да воведат вежби за визуализација на емоционалната штета. Мора да ги обучиме новите генерации дека највисокиот чин на општествена моќ не е доминацијата и садизмот, туку храброста да излезеш од колективниот молк и да му подадеш рака на послабиот.
За да се постигне ова, им требаат систематски обуки на сите наставници и стручни служби.
3. Напуштање на казните и воведување реституција
Кога ќе се случи ваков грозоморен случај, рефлексот на институциите е протоколарен и пред сѐ бирократски: казни за родителите, кривична пријава, нови правилници и сл. Иако правната одговорност мора да постои, чистата казна нема да ги направи овие деца сочувствителни. Напротив, присилата раѓа дополнителен отпор.
Училиштата мора итно да го воведат моделот на реституција (поправање на штетата). Насилниците не смеат едноставно да се изолираат во четирите ѕида на казната. Тие мора да бидат водени низ стручен дијалог со наставникот/ стручните служби за да ја почувствуваат болката низ која поминува детето што е жртва на врсничкото насилство, но и самите да изработат и физички да реализираат план како да ја поправат емоционалната и социјалната штета што му ја нанеле на недолжен ученик/чка. Извинувањето не е доволно.
4. Поддршка на родителите за дигитален детокс
Родителите денес се соочуваат со сериозен дефицит на време, но и со сопствена емоционална неписменост во овој суров дигитален свет. Голем дел од нив се зависни од паметните телефони. Кога родителот цела вечер „скрола“ на социјалните мрежи за да го намали сопствениот стрес, тој ја губи релациската компетентност со сопственото дете.
На родителите им треба поддршка од стручните служби (педагог, психолог, дефектолог...) преку инспиративни работилници наместо сувопарни родителски средби. На родителите им треба суштинска педагошка едукација. Домашниот амбиент мора да го преслика училишниот модел: воведување на правилото „дигитална корпа“ на влезот од домот во првите 60 минути по враќањето од обврските, што значи цело семејство најмалку 1 саат без дигитални уреди. На тој начин ќе им се даде можност на родителите да ја подобрат и комуникацијата во семејството. Кога дома комуникацијата се сведува на механички прашања за оценки или наредби преку викање, децата ја губат социјалната компетентност. Тие не учат како на здрав начин да ги артикулираат своите потреби и да ги решаваат конфликтите, па затоа подоцна во училиштето прибегнуваат кон агресија. На семејството итно му е потребен релациски рестарт и враќање на активната комуникација.
Токму недостигот на внимание од страна на родителите кон децата доведува до однесувања кои не се прифатливи и кои порано или подоцна раѓаат агресија. Скапата облека и најновиот модел на телефон нема да го направат детето посреќно доколку во семејството недостига љубов, комуникација и внимание. Не случајно борејќи се со овој проблем уште пред една деценија, во главниот град на Италија, Рим, на неколку најфреквентни места осамнале билборди со ученик во екстремно скапа облека, но со испружена рака како за просење и натпис: „Не ми требаат пари, туку љубов!“
Времето на вештачката интелигенција, односно дигиталната ера во која живееме денес, без развиена емпатија, создава само сурови, рамнодушни и дигитализирани насилници. Нашите училишта не смеат да бидат ладни фабрики за оценки каде што царува воспитна апатија. Време е сите заедно – професори, наставници, родители и креатори на образовни политики – да преземеме лична одговорност за емоционалната клима во која растат нашите деца.
Врсничкото насилство е нашата колективна одговорност, а единствениот лек е емпатијата преточена во секојдневна, организирана и институционална акција.
Да ги тргнеме екраните, да ги погледнеме децата в очи и да ги научиме да бидат луѓе – хумани граѓани!
Пишува: проф. д-р Розалина Попова-Коскарова,
професор по Методика на воспитната работа и Општа педагогија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Педагошки факултет „Св. Климент Охридски“ - Скопје
Обучувач по деловна комуникација во Creative hub (Скопје – Приштина - Мајами)