Дали ќе продолжи да расте коефициентот на интелигенција кај луѓето?

Дали ќе продолжи да расте коефициентот на интелигенција кај луѓето?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Во текот на 20 век просечната оцена на тестовите за интелигенција низ светот значително порасна. Дали ова значи дека луѓето стануваат попаметни? Дали интелигенцијата ќе продолжи да расте? И што ќе значи интелигенцијата во иднина? Дали емоционалната интелигенција, покажување разбирање за другите, ќе се смета за поважна од апстрактната логика? Дали луѓето ќе бидат заменети од интелигентни машини?

Некои од водечките експерти за интелигенцијата ги споделуваат нивните ставови во однос на овие прашања.

Во текот на 20 век коефициентот на интелигенција на луѓето низ светот се зголеми за 30 поени, што е прилично многу. Разликата помеѓу 100 и 130 е разликата помеѓу некој што е рангиран како просечен и некој што е оценет како надарен, и така она што го покажува јасно е дека интелигенцијата може да се зголеми. Може да се зголеми академската интелигенција или аналитичката интелигенција. Креативноста ја учите со добро родителство и добро школување кое ве поттикнува да бидете креативни. За здравиот разум учите од грешките што вие и другите ги правите во вашиот живот.

Зголемувањето на квалитетот на исхраната, подоброто образование и поголемата изложеност на повеќе нови технологии се фактори што придонесуваат за нашата зголемена интелигенција, но дали некогаш ќе ја достигнеме границата?

- Прилично е јасно дека нема да ја достигнеме границата бидејќи ние ќе продолжиме да наоѓаме проблеми, да создаваме проблеми, и тие ќе бараат нови алатки додека ние го задржуваме стариот сет на алатки. Не знам дали ќе ја достигнеме границата на човечката интелигенција бидејќи не знаеме која е границата. Едно нешто во кое можеме да бидеме прилично сигурни е дека би можеле да бидеме подобри отколку што сме и попаметни ако се фокусираме на тоа да го направиме светот подобро место за живеење - вели Ричард Нисбет од Универзитетот во Мичиген.

- Немаме поим која е границата на човечката интелигенција. Мислам дека во општеството денес само ја изгребавме површината на нашиот интелектуален капацитет и ќе продолжиме да растеме. Одејќи напред, би сакал да ја прифатиме идејата дека интелигенцијата е навистина податлива, дека можеме да растеме и да се развиваме и да станеме попаметни - вели Тенел Портер од Универзитетот во Калифорнија.

Но, не сите експерти се согласуваат.

Гевин Еванс од Универзитетот во Лондон смета дека интелигенцијата воопшто не се зголемува.

- Најраните луѓе како нас, со нашиот мозочен капацитет, се од пред 315.000 години. Тие луѓе биле вклучени во трговија. Голем дел од луѓето во минатото развивале работилници за боја и цртале симболи. Тие луѓе очигледно биле модерни човечки суштества со интелигенција како нашата. Мислам дека интелигенцијата не се променила оттогаш - вели научникот.

Едно прашање во обидот да се утврди дали интелигенцијата се зголемува или не е како ја мериме. Тестовите за интелигенција се фокусираат премногу конкретно на апстрактната логика за да ни кажат сè што треба да знаеме за интелигенцијата на една личност. Значи, можеби ја гледаме интелигенцијата на погрешен начин. Можеби е време да престанеме да размислуваме за интелигенцијата како вграден квалитет што го има секој, туку треба да ја гледаме како нешто пофлуидно.

- Би сакал да го видам општеството како става помалку акцент на интелигенцијата како што е конвенционално дефинирана затоа што во основа таа многу се гледа како индивидуална, додека всушност повеќето од она што го правиме во светот е во групи, па затоа работиме во тимови, работиме во групи, работиме заедно за да ги решиме проблемите. Мислам дека треба, како општество, да ставиме поголем акцент на интелигенцијата од реалниот свет - вели Роберт Стернберг од Универзитетот во Корнвел.

- Движењето за невродиверзитет, кое расте експоненцијално во последните неколку години, го изнесува аргументот дека индивидуите со различни видови невролошки капацитети не треба да бидат исклучени, туку треба да се интегрираат во општеството бидејќи така имаат многу поголема корист од тоа општество. Таа беше развиена од аутисти активисти кои тврдеа дека аутистичните луѓе, луѓето со интелектуални разлики, сите луѓе имаат капацитет да го обликуваат и променат светот. Некој како Грета Тунберг е совршен пример за некој чиј различен стил на размислување ја навел да може да го види светот на нов, радикален и важен начин - вели Бони Еванс од Универзитетот во Лондон.

Можеби сите можеме да се собереме за да ги користиме нашите различни форми на интелигенција за да го подобриме светот, но што е со вештачката интелигенција? Дали ќе бидеме надминати или дури и заменети со интелигентни машини?

- Би рекла дека вештачката интелигенција и човечката интелигенција навистина се два сосема одвоени феномени. Би рекла дека вештачката интелигенција навистина не е обврзана со границите на човечката интелигенција и затоа може да има работи во кои луѓето се подобри и работи во кои вештачката интелигенција е подобра од луѓето - вели Елизабет Крумреи од Универзитетот во Пепердин.

- Мислам дека една од најголемите заблуди е целата идеја за користење на компјутерите како аналогија на мозокот. Нашите мозоци се многу, многу различни од компјутерите. Мислам дека компјутерската интелигенција и човечката интелигенција не се споредливи - вели Гевин Еванс од Универзитетот во Лондон.



Извор: ВВС
Фото: Screenshot/BBC