Почнува учебната година - часовите нема да бидат намалени, ќе се учи по стара програма, саботите пак ќе се одработуваат

Почнува учебната година - часовите нема да бидат намалени, ќе се учи по стара програма, саботите пак ќе се одработуваат

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Факултети.мк до Министерството за образование и наука испрати дузина прашања за промените во учебната 2018/2019 година кои беа најавувани во мандатот на поранешната министерка Рената Дескоска


Саботите и годинава ќе се одработуваат, бројот на часовите од прво до трето одделение нема да биде намален, ќе се учи по стара програма. Новата учебна година ќе почне со повисоки плати за наставниците за 5 отсто и со корекции во 24 учебници за кои нема прецизирано датум кога ќе стигнат до учениците.

Новата учебна година ќе почне без многу структурални промени, кои до јуни ги најавуваше претходната министерка за образование и наука Рената Дескоска. Новините се директно поврзани со Законот за основно образование, кој остана на ниво на јавна расправа и надлежните не успеаја да го донесат до почетокот на новата учебна година. Беше најавен и нов закон за средно образование.


МОН: Реформата е смела, потребни се подготовки

Факултети.мк до Министерството за образование и наука испрати дузина прашања за промените во учебната 2018/2019 година кои беа најавувани во мандатот на министерката Дескоска – дека ќе биде поедноставено пополнувањето на електронскиот дневник, новата програма како пилот-проект ќе биде спроведена во десетина училишта, ќе бидат намалени часовите на децата од прво до трето одделение, дека саботите веќе нема да се учат, а ќе се намали и бројот на часовите од четврто до деветто одделение. Дека наставниците ќе добијат неработни денови во текот на зимскиот распуст, а бројот на ученици во една паралелка ќе се движи од 20 до 30 ученици, а во пониските одделенија ќе има спојување на одредени предмети.

На овие прашања од МОН ни одговорија дека сиве овие новини ќе ги овозможи новиот закон за основно образование и дека тие се клучните ветувања во владината програма за реформи во образованието.

- Тие, секако, ќе се реализираат. Станува збор за смела реформа која подразбира посериозни поместувања во образовниот систем. Затоа е потребно Министерството за образование и наука и училиштата да бидат целосно подготвени пред воведувањето на најавените реформи во образовниот процес. Намалувањето на часовите и на бројот на децата во паралелките создава сериозни организациски предизвици. Концептот предвидува менторство на поискусните наставници над помалку искусните наставници, како и вршење одредени административни обврски во училиштето, со што целосно ќе се надополнат часовите кои наставниците ги имале пред намалувањето на часовите. Целта е реформата да обезбеди сигурност на сите засегнати во образовниот процес – велат од МОН.

Во однос на пилотирањето на наставните програми, експертскиот тим што работел на новите наставни планови и програми за основното образование препорачал прво целосно да се комплетираат од 1. до 9. одделение.
- Потоа новиот концепт ќе биде разгледан како целина. Во меѓувреме јавноста е информирана дека во средното образование нема да се применат наставните програми од Кембриџ, а во основното останува како и досега – велат од МОН.


Учебници нови има, ама неизвесно е кога ќе стигнат со учениците

Министерот за образование и наука Арбер Адеми пред три дена на прес-конференција соопшти дека измени се направени во 22 учебника за основно и во два за средно образование. Факултети.мк веќе објави дека новина е што учениците од прво до трето одделение секоја година ќе добиваат нов комплет учебници, а од годинава тие ќе може да се купат и во книжарниците по набавна цена.

Од МОН велат дека работат во согласност со годишната програма и стратешките документи со кои се унапредуваат состојбите во областа на образованието и науката.
- Во контекст на најавените реформи во образованието, од почетокот на мандатот на новата Влада, без исклучок, работиме да се спроведат тие реформи. Дел од мерките и проектите се веќе реализирани или се имплементираат. За дел од оние што треба да следуваат подготвителните активности се во тек, а за некои, пак, наскоро ќе почнат – велат од МОН.