Бесплатна платформа на која може да се учи и вежба програмирање

Бесплатна платформа на која може да се учи и вежба програмирање

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Оваа платформа се смета за една од најпопуларните платформи за учење програмски јазици. Таа не е погодна само за оние што влегуваат во светот на програмирањето, туку и за оние што сакаат дополнително да ги усовршат своите знаења и вештини.

„Гикс фор гикс“ (GeeksforGeeks) има цел да го олесни учењето на програмирање на некој од многуте програмски јазици, но не се изоставени ниту другите технолошки области.

Една од причините поради кои со текот на времето стана популарна, покрај тоа што нуди голем број корисни содржини, е фактот што може да биде еднакво корисна и за почетниците и за искусните програмери.

Имено, покрај многубројните онлајн курсеви и специјализирани туторијали, на платформата се достапни и различни тестови дизајнирани да ги проверат основните знаења во многу области на програмирање или во одредени програмски јазици, а има и дел наменет за вежбање преку решавање различни програмски проблеми.

Голем дел од услугите на платформата се бесплатни, вклучувајќи ги и тестовите. На платформата се нудат и искуства од интервјуа за работа на други корисници. Платформата има и мобилна апликација.

Извор: Bug
Насловна фотографија: Pixabay