Астрофотограф ја направи првата фотографија на хромосферата на Сонцето и ракета што поминува пред него

Астрофотограф ја направи првата фотографија на хромосферата на Сонцето и ракета што поминува пред него

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Астрофотографот Ендрју Мекарти повторно го воодушеви светот со неверојатна фотографија. Додека ракета на „Спејс екс“ се издигнуваше кон орбитата, тој успеа да ја овековечи во момент кога силата на леталото ја „вознемири“ хромосферата на Сонцето. Станува збор за прва ваква фотографија, кој бараше посветеност и специјални подготовки.

За да ја реализира својата замисла, Мекарти користел специјално дизајниран соларен телескоп прикачен на фотоапарат. Ефектот е спектакуларен и на видеото што тој го објави на својот инстаграм-профил може да се види како ракетата минува пред Сонцето, оставајќи бранови зад себе, како да плови низ вода.

- Фотографирам ракети во Тексас и Флорида, а неодамна поминав неколку дена во Флорида во потрага по ракети што поминуваат пред Сонцето, и успеав да уловам два вакви моменти. Фотографијата што ја направив со соларниот телескоп е, колку што знам, единствена од ваков вид - вели Мекарти.


Ова е неверојатно достигнување за Мекарти, кој почна да фотографира ѕвезди од својот двор во 2017 година. Оттогаш, тој ја претвори страста во професионална кариера, создавајќи повеќе импресивни дела. Работејќи самостојно или во соработка со други талентирани астрофотографи, Мекарти постојано ги поместува границите на астрофотографијата.

Извор: Mymoderrnmet.com
Фото: Instagram