Именуван нов вид пингвин, првпат по повеќе од 100 години
Истражувачите идентификуваа сосем нов вид пингвин, „Pygoscelis kerguelensis“, исто така познат и како југоисточен генту пингвин.
Живее на оддалечените Кергеленски Острови, на околу 1.900 километри северно од Антарктикот.
Изгледаат речиси идентично со другите генту пингвини, а сè до неодамна експертите веруваа дека сите тие припаѓаат на еден вид.
Сепак, истражувачите што ги проучуваа нивните гени сега веруваат дека постојат четири посебни видови, северен, јужен, југоисточен и источен, кои еволуирале различно.
Југоисточниот генту пингвин претходно ѝ беше непознат на науката, што го прави првиот нов вид пингвин опишан по повеќе од 100 години.
Последниот што бил откриен бил северниот карпест пингвин („Eudyptes moseleyi“), именуван во 1921 година.
Откритието го направи меѓународен тим од експерти за пингвини од САД и Чиле, а резултатите беа објавени во списанието „Комјуникејшнс бајолоџи“.
Исто така, истражувачите утврдија дека три претходно признаени подвидови генту пингвини се генетски доволно различни за да бидат класифицирани како посебни видови.
Со децении се поставуваа прашања за видот генту пингвини, а ова ново истражување е првото што го опфаќа речиси целото подрачје каде што живеат генту пингвините.
Оваа одлука се засноваше на истражување на 64 единки од 10 колонии за размножување, кои живеат од Тихиот Океан и Антарктикот, па сè до Јужна Америка.
- Веројатно не постои друг вид пингвин за кој се воделе повеќе дебати од генту пингвинот. Повеќе од 100 години беа контроверзни прашањата за тоа колку видови или колку подвидови постојат - вели Рори Боуи, професор на Универзитетот во Калифорнија, Беркли.
Според истражувачите, различните видови се развиле во текот на изминатите 300.000 до 500.000 години.
Генту пингвините се разликуваат од другите видови главно поради нивната разновидна исхрана и јадат речиси сè што можат да уловат во водата. Ова им го олеснува преживувањето во споредба со пингвините како царскиот, кој има поспецифична исхрана и понекогаш се мачи да најде храна.
Научниците тврдат дека токму затоа генту пингвините еволуирале различно.
Бидејќи не патуваат далеку од својата колонија за размножување и се гнездат на истото место година за година, се развиле различни популации кои се приспособиле на своите специфични региони.
Извор:
BBC
Фото:
Facebook