Зошто северноатлантските китови им шепотат на нивните малечки?

Зошто северноатлантските китови им шепотат на нивните малечки?

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Научници користеле микрофони за да ги проучат гласовните навики на црните ледени китови и откриле дека мајката го снижува тонот кога комуницира со малото.

Женките од видот црн леден кит го снижуваат гласот кога комуницираат со нивните малечки за предаторите да не ги прислушуваат, утврдиле научниците.

Возрасните црни ледени китови, загрозен вид кој живее во Северен Атлантик, поради импозантната големина, немаат природни непријатели. Но, со малечките е поинаку бидејќи тие може да станат мета на орки или ајкули.

Научниците користеле микрофони за да ги проучат гласовните навики на тие китови и откриле дека мајката го снижува тонот кога комуницира со малото.

-Тие звуци се како човеково шепотење. Мајката и детето така можат да останат во контакт и притоа не ја огласуваат својата присутност пред предаторите - вели биологот Сузан Паркс.

Со други зборови, се минимизира ризикот предаторите да ги прислушуваат.

Видовите китови што ловат плен, како што се орките, се потпираат на звуци за да ги лоцираат бидејќи видливоста во морето често е лоша, стои во текстот објавен во списанието „Бајолоџи летрс“.