Ел Нињо ја менува климата: Во Хонгконг е забележан најтоплиот октомври откако се вршат мерењата
Во Хонгконг е забележан најтоплиот октомври откако се вршат мерењата бидејќи исклучително силниот феномен Ел Нињо, слабите североисточни монсунски ветрови и постојаниот антициклон во повисоките слоеви на атмосферата над Јужна Кина се здружиле и предизвикале рекордно високи температури, соопшти денес локалната метеоролошка служба.
Метеоролошката опсерваторија во Хонгконг соопшти дека просечната максимална температура минатиот месец изнесувала 30,5 Целзиусови степени, а просечната минимална 25,8 степени, што се највисоките вредности за кој било октомври откако започнало водењето евиденција во 1884 година.
- Покрај влијанието на климатското затоплување, се соочуваме со исклучително силниот феномен Ел Нињо - наведоа метеоролозите, додавајќи дека ова, во комбинација со послабите североисточни монсунски ветрови и посилниот антициклон во повисоките слоеви на атмосферата над Јужна Кина, довело до рекордно топол октомври.
Најтоплиот ден минатиот месец бил 1 октомври, кога температурата достигнала 33,6 степени, пренесе „Саут Чајна морнинг пост“.
Необично високите утрински температури влијаеле и врз денешното одржување на маратонот „Нортерн метрополис“, а некои од тркачите изјавиле дека жештината им го отежнала постигнувањето на најдобрите резултати.
Претходниот октомвриски рекорд од 30,3 степени бил забележан во 2024 година.
Извор:
Euronews.rs
Фото: Magnific