Ниту стипендијата од 300 евра не ги стимулира студентите да учат за наставници по физика и по математика - само четворица запишани на двете струки
Оваа година интересот за запишување на некои од наставните програми на Природно-математичкиот факултет во Скопје беше значително намален, иако студирањето на струки кои се дефицитарни е стимулирано со примамливи стипендии.
Според резултатите од конкурсот на ПМФ, на наставна математика од вкупно 43 места, односно 30 со државно финансирање, се запишале само три студенти во сите три уписни рока, а на наставна физика само еден студент.
До Деканатот на Природно-математичкиот факултет испративме прашања за тоа каде е проблемот, зошто овие насоки не се атрактивни и дали факултетот размислува да ја смени стратегијата воведувајќи, на пример, пократки студиски програми, но оттаму одговор не добивме.
Министерството за образование и наука анализира зошто катедрите со дефицитарни струки се со малку запишани студенти.
- Долги години наназад земјата се соочува со недостиг на наставен кадар по математика, хемија, физика... Нема доволен интерес кај младите да ги избираат високообразовните установи кои нудат студиски програми во овие области и поради тоа не се продуцираат доволно кадри кои би требало да ги преземаат позициите на веќе ангажираниот кадар во училиштата кој секако, кога-тогаш заминува во пензија и мора некој да го наследи - објаснија од МОН.
Студентите, според МОН, мора да ја подигнат личната мотивација, но тоа се постигнува само преку модернизација на наставата по предметите за кои има намален интерес.
- Се трудиме да ги стимулираме младите да ги избираат овие области и да се занимаваат професионално со нив. За тоа е потребно подигнување на личната мотивација, интерес и желба. А тоа се постигнува преку модернизација на наставата по овие, но и по сите други предмети, во основното и во средното образование. И затоа работиме и ќе продолжиме да работиме на подобрување на содржините во наставните програми и во учебниците, обучување на наставниците заради поголема креативност при предавањето на материјата која ќе ги заинтригира младите, доделување парични награди за освоени високи места (од прво до трето место) на меѓународни натпревари по математика и природни науки (хемија, физика и биологија), парични награди за освоени медали на меѓународни научни олимпијади, меѓу кои и за математика, физика, хемија. Отворена и специјализирана Математичка гимназија каде што се запишуваат исклучително талентирани ученици од овие области - додаваат оттаму.
Од МОН информираат дека новиот конкурс за студентски стипендии е во подготовка. Секогаш најпрво се анализираат информациите од Агенцијата за вработување и потоа се одлучува за квотите.
Министерството за образование и наука доделува стипендии за студенти што се запишани или ќе се запишат на студиските програми по математика, физика и хемија.
- Тоа се највисоките стипендии што ги доделува МОН за студирање на домашните високообразовни установи и изнесуваат 300 евра на месечно ниво - потенцираат од Министерството и додаваат дека зголемување на износот на стипендии за посочените струки не е предвиден. Министерството за образование и наука (МОН) доделува стипендии во неколку клучни категории наменети за редовни студенти запишани на државните и приватните универзитети во Македонија. Овие стипендии се насочени кон поддршка на социјално ранливи групи, стимулирање на талентирани студенти, стипендии за студирање во странство, како и поттикнување уписи во специфични дефицитарни струки. Стипендиите за студенти во дефицитарни струки се наменети за студенти што студираат на програми каде што пазарот на труд има најголем недостиг (природно-математички факултети, технички струки, електротехника, машинство, ИТ-секторот и слично) - велат оттаму.
Износот за овие стипендии е 18.000 денари месечно (се исплаќа за 9 месеци во текот на академската година).
Фото: ПМФ