Нов вирус ги напаѓа апликациите на мобилните телефони и краде податоци, еве што треба да направите
Корисниците на „Андроид“ се загрозени од нова техника на сајбер-напад во која малициозниот софтвер (малвер) се вметнува во вистински банкарски апликации и така се обидува да ги заобиколи безбедносните контроли.
Експертите за сајбер-безбедност предупредуваат на банкарскиот тројанец „Гигабад“ (Gigabud), кој на хакерите може да им овозможи кражба на чувствителни податоци, но и голема достапност до уредот.
Новата техника ја анализираше компанијата за сајбер-безбедност „Груп-ИБ“, која го следи „Гигабад“ од 2022 година. Малверот, меѓу другото, се шири преку лажни апликации кои се претставуваат како апликации на авиокомпании, даночни органи или државни институции, а во набљудуваните случаи се инсталирани надвор од официјалните продавници за апликации, пишува „Феникс“.
Зад нападот, според претпоставките на експертите, стои групата „Голд фактори“, која сега го комбинира „Гигабад“ со апликацијата „Вворк“ (Vwork), изменета верзија на првично легитимна апликација. Според анализата на „Груп-ИБ“, ваквите варијанти биле подготвувани за напади врз корисници во Бразил, Колумбија, Египет, Индонезија, Лаос, Мексико, Мароко, Филипини, Тајланд и Турција, а меѓу потенцијалните жртви се наведуваат и корисниците во Германија. По инсталацијата, „Гигабад“ бара широки дозволи, меѓу другото пристап до функциите за пристапност на „Андроид“ и можност за прикажување содржина преку други апликации.
Доколку корисникот ги одобри тие дозволи, малверот може да утврди кои апликации се инсталирани на уредот. Кога корисникот ќе ја стартува вистинската банкарска апликација, преку неа може да се прикаже лажен формулар за пријавување. Податоците што корисникот ќе ги внесе таму завршуваат кај напаѓачите. Според анализата, дополнителниот слој на прикажување може да овозможи и собирање на кодот со кој се отклучува паметниот телефон.
За следниот чекор, малверот ја користи функцијата на „Андроид“ позната како работен профил, која е наменета за одвојување на деловните и приватните апликации и нивните податоци.
„Гигабад“ со помош на апликацијата „Вворк“ се обидува да ја копира банкарската апликација во дополнителен профил. Според техничката анализа на „Груп-ИБ“, „Вворк“ се заснова врз проектот со отворен код „Шелтер“, кој овозможува изолација на апликациите во работниот профил или создавање дополнителен примерок од апликацијата.
Фото: magnific