Пронајдени крвни клетки од диносаурус стари 115 милиони години
Истражувачи од Универзитетот „Кертин“ во Австралија идентификуваа структури што наликуваат на фосилизирани црвени крвни зрнца, заедно со молекули изведени од крвта. Овие остатоци, зачувани повеќе од 100 милиони години, се пронајдени во внатрешноста на навидум обична коска од нога на диносаурус. Иако и претходно се појавуваа тврдења за пронаоѓање меки ткива во фосили, ова откритие е поддржано со детална хемиска анализа која го потврдува потеклото на клетките, пишува „Сајенс алерт“.
Хемиска потврда наместо претпоставки
Откритието е направено врз фосил пронајден во еден бразилски рудник во 2008 година. Станува збор за коски од десната нога на диносаурус од видот Aratasaurus museunacionali, мал теропод кој живеел пред приближно 115 милиони години. Со детален преглед во внатрешноста на коските се откриени фосилизирани васкуларни канали, а во нив тимот пронашол многу елипсовидни микроструктури. Сличните тврдења за пронаоѓање клетки во фосили од диносауруси беа тешки за потврдување бидејќи мораше да се исклучи можноста за надворешно загадување.
- Нешто што под микроскоп изгледа како крвна клетка е интересно, но самата морфологија не е доволна за утврдување на биолошкото потекло. Нашиот пристап ги поврзува микроскопските набљудувања со хемиски докази. Ваквото совпаѓање на независни докази е многу посилно од самото тврдење дека ова изгледа како црвена крвна клетка - изјави Клити Грас, органски геохемичар од Универзитетот „Кертин“.
Тимот спроведе низа анализи за да исклучи други објаснувања. Постоеше можност микроструктурите да се остатоци од габички или микроорганизми кои ги населиле коските по смртта, но не беа пронајдени траги од филаменти, спори или биофилм. Геохемиската анализа ја исклучи можноста да се работи за минерални зрнца кои можат да наликуваат на клеточни структури.
Траги од елементи клучни за животот
Освен што беше важно да се исклучи контаминацијата, клучно беше да се пронајдат соединенија кои директно се поврзуваат со крвните клетки. Со течна хроматографија и масена спектрометрија беше утврдено дека во екстрактот од коската доминира хем Б. Тоа е клучна молекула која ѝ овозможува на крвта пренос на кислород и значително се разликува од молекуларните траги во околните карпи. Тимот спроведе и мапирање на елементите, кое покажа дека микроструктурите налик на клетки се поврзани со железо, јаглерод и азот, што се потенцијални состојки на хемот.
Со приближно 115 милиони години, овој фосил претставува најстар познат пример за можни крвни клетки од диносаурус. Претходните слични наоди се стари најмногу 80 милиони години.
Како се зачувале ткивата?
Прашањето како толку чувствителни меки ткива успеале да се зачуваат толку долго е клучно за ова истражување. Тимот смета дека тоа се должи на специфичната геолошка средина во која овој аратасаурус бил зачуван. Работата се однесува на микробиолошки слој во плитки води речиси без кислород.
Фото: magnific