„Сони“ нуди пари за откуп на користени „плејстејшн 5“
Сопствениците на „плејстејшн“ почнаа да добиваат необични известувања на своите паметни телефони. „Сони“ им нуди директен откуп на нивните користени PS5 конзоли со исплата на пари на банкарска сметка.
Детали за понудата и условите
„Сони“ им нуди 400 долари на корисниците што се подготвени да го продадат својот стандарден „плејстејшн 5“ со два контролери. Известувањата пристигнуваат преку официјалната апликација на „Плејстејшн“, а парите се уплаќаат директно на сметката на корисникот, пренесува ИГН.
Иако програмите за замена „старо за ново“ се вообичаени кај трговците, реткост е самиот производител директно да откупува хардвер од купувачите. Со оглед на тоа што конзолата при лансирањето чинеше 500 долари, поврат од 400 долари претставува прилично добра вредност за оние што повеќе не го користат својот уред.
Подготовка за недостиг на хардвер и високи цени
Овој потег посочува дека „Сони“ можеби се подготвува за нов недостиг на хардвер или сака да обезбеди резерви од користени конзоли кои може да ги продава по пристапни цени. Моменталните цени на новите PS5 конзоли се движат помеѓу 600 и 650 долари, во зависност од тоа дали имаат читач за дискови.
Во Европа препорачаните малопродажни цени во 2026 година се движат околу 600 евра за дигиталното издание и 650 евра за стандардниот модел. Доколку сакате посилен PS5 про, ќе мора да одвоите 900 евра. Спротивно на вообичаениот тренд на поевтинување на конзолите во текот на нивниот животен циклус, цените за „плејстејшн 5“ пораснаа од лансирањето.
Влијание од излегувањето на играта „ГТА 6“
Поради огромната побарувачка за моделот про пред излегувањето на играта „ГТА 6“, стана тешко да се набави конзолата по редовна цена. Препродавачите и некои трговци продаваат користени PS5 про конзоли дури и за 1.400 долари.
Се очекува излегувањето на новото продолжение од популарната франшиза во ноември оваа година да биде огромен поттик за понатамошна продажба. До средината на 2026 година „Сони“ испорача повеќе од 95 милиони „плејстејшн 5“ конзоли, а компанијата и понатаму бележи раст на добивката и покрај забавувањето на продажбата на хардвер.
Фото: magnific