Имате две возрасти - хронолошка и биолошка. Еве зошто се важни

Имате две возрасти - хронолошка и биолошка. Еве зошто се важни

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Во суштина, секој човек има две возрасти: хронолошка возраст, за која календарот кажува колку сте стари, и фенотипска, односно биолошка, во основа возраста во која вашето тело функционира според просечните физички или здравствени нивоа.

- Луѓето со иста хронолошка возраст немаат сите ист ризик за развој на кардиоваскуларни болести или рак, па дури и смрт. Биолошката возраст всушност ни дава подобра идеја за тоа каде некој се наоѓа кога станува збор за неговата возраст. Хронолошката возраст не е поврзана со тоа колку сме стари. Таа е површен број - вели професорот Дејвид Синклер, кодиректор на Центарот за биологија на стареење на Медицинскиот факултет во Харвард.

- Сите ние биолошки старееме според различни стапки, во зависност од нашите гени, што јадеме, колку вежбаме и на какви отрови сме изложени. Биолошката возраст е она што го одредува нашето здравје и во крајна линија нашиот животен век. Тоа е бројот на свеќи што всушност треба да ги дуваме. Во иднина, со напредокот на нашата способност да ја контролираме нашата биолошка возраст, може да имаме помалку свеќи на нашата торта од претходната - вели тој.

Левин Морган и нејзиниот тим од медицинската школа при Универзитетот „Јеил“ идентификувале девет биомаркери земени со едноставен тест на крв што се чинел највлијателен врз животниот век. Биомаркерите вклучувале шеќер во крвта, мерење на бубрезите и на црниот дроб и имунолошки и воспалителни мерки.

Левин ги додал овие бројки во компјутерот и алгоритмот си го направил своето.

Луѓето со биолошка возраст пониска од нивната хронолошка возраст имаат понизок ризик од смртност, додека оние што се постари од биолошката возраст имаат повисок ризик од смртност и се потенцијално посклони за развој на болести поврзани со повисоката возраст.

Но, можеби најважното тука, за разлика од резултатите од генското тестирање, е што овие се мерки можат да се променат. Со овие информации лекарите можат да ги поттикнат пациентите да направат промени во начинот на живот, исхраната, вежбањето и навиките за спиење и се надеваат дека ќе преземат чекори за намалување на ризикот и подобрување на биолошката возраст на човекот.

- Мислам дека највозбудливо нешто во врска со ова истражување е дека овие работи не се перманентни. Знаеме како да промениме некои од овие маркери. Мислам дека  ни се дадени информации многу порано во процесот, пред некој да развие болест, така што луѓето можат да преземат чекори за да го подобрат своето здравје пред да биде предоцна - вели Левин.

Левин работи со група за да обезбеди пристап до алгоритмот онлајн за секој да може да ја пресмета својата биолошка возраст, да ги идентификува потенцијалните ризици и да преземе чекори за да го подобри сопственото здравје.

- Никој не сака да живее исклучително долг живот кога има лошо здравje и многу хронични болести. Со одложување на почетокот на болестите и проблемите на когнитивното и физичкото функционирање, луѓето и понатаму можат да бидат ангажирани во општеството. Мислам дека тоа е идеалот кон кој треба да се стремиме - вели таа.