Тутанкамон е погребан во туѓа гробница?

Тутанкамон е погребан во туѓа гробница?

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Египтолозите сметаат дека постои можност познатиот фараон Тутанкамон да е погребан во гробница што првобитно не била наменета за него.

Експертите од Британија дошле до тој заклучок со анализа на фигури и предмети од гробницата што имаат женски контури.

Британскиот археолог Николас Ривс смета дека многу украсни предмети од гробницата на Тутанкамон првобитно биле направени за сопругата на фараонот Акенатон, Нефертити.

Ривс исто така смета дека кога гробницата била откриена, пронајдената огромна количина злато толку ги заслепила археолозите, што не навлегувале во разгледување на можноста за тоа каде е погребан фараонот.

Гробницата стара околу 3.000 години ја открил археологот Хауард Картер во 1922 година, кога била пронајдена голема количина на златни предмети, украси, статуи...

Новата теорија оди уште подалеку и претпоставува дека гробницата на Тутанкамон е само дел од гробницата на Нефертити, која се наоѓа во близина на местото каде што е погребан Тутанкамон.

Ривс тврди дека и златната маска за Тутанкамон првично била направена за Нефертити поради женските црти.

Иако се направени истражувања и египетските власти тврдат дека во гробницата на Тутанкамон нема сокриени одаи, што е поткрепено и од некои студии на италијански истражувачи, Ривс и некои негови колеги сметаат дека е потребно дополнително скенирање и истражување за да се дојде до поточни информации.