Место во кое се создаваат мали херои со големи соништа, едукаторката Бернанда го подобрува квалитетот на живот на децата со попреченост

Место во кое се создаваат мали херои со големи соништа, едукаторката Бернанда го подобрува квалитетот на живот на децата со попреченост

Подготвил: Радмила Заревска

Лектор: Ивана Кузманоска

„EUFONIA LEARN Скопје“ сака да ги охрабри сите родители да се јават и да побараат консултација со стручно лице веднаш штом ќе забележат какви било отстапки во развојот на нивните деца, затоа што раната интервенција игра важна улога во целиот процес


Нашиот најголем мотив и сон е да им помогнеме и да му дадеме поддршка на секое дете или лице со попреченост. Нашата крајна цел е да им овозможиме осамостојување и да им го подобриме квалитетот на живот, како активни учесници во општествените односи. Токму ова бил поттикот Бернанда Мустафоска, како дипломиран специјален едукатор и рехабилитатор, пред еден месец заедно со нејзината пријателка и колешка Симона Лекоска да го создаде Здружението за рана детекција, интервенција, стимулација и третман за правилен раст и развој кај деца и возрасни со тешкотии и попречености „EUFORIA LEARN Скопје“.

- Уште од факултетските денови имавме желба и цел да основаме пријатно катче каде што би можеле да работиме на професионално усовршување и давање помош и поддршка за децата со разни попречености и нивните семејства. Место во кое еден ден со гордост ќе кажеме дека сме создале мали херои со големи соништа - вели Бернанда.

Нивното искуство и практика со деца со попреченост им покажало дека најголем резултат се добива преку континуирани индивидуални третмани со стручно лице, што е една од причините за основање на „EUFORIA LEARN Скопје“.



- Во нашата организација работиме со деца и возрасни со различни попречености и тешкотии, како оштетување на видот, оштетување на слухот, телесно инвалидни лица, Даунов синдром, Вилијамс синдром, аутистичен спектар на нарушувања, психомоторни тешкотии, социо-емоционални тешкотии, специфични тешкотии во учење (дислексија, дисграфија, дисклакулија), тешкотии во графомоторика, тешкотии во фина и груба моторика, тешкотии во социјална интеракција, нарушување во сензорна интеграција, тешкотии во концентрација и внимание - објаснува младата едукаторка.

Според неа, во нашата држава, за разлика од претходните години, има поголем број специјални едукатори и рехабилитатори кои работат со деца со попреченост.

- Брзото темпо на живот и зголемената употреба и зависност од технологија во секојдневниот живот придонесоа за зголемување на бројот на дечиња на кои им е потребна стимулација и поддршка. Секако, има простор за повеќе посветени стручни лица за заедно да го подобриме растот и развојот на децата - вели Бернанда.



Прво процена, а потоа индивидуални вежби

Бернанда вели дека кога се водат по одредени цели за да постигнат позитивни резултати, многу е важно тој еден час со детето да биде продуктивен.
- За да ги задржиме и подобриме вниманието и концентрацијата, пред почетокот на третманот правиме едноставни вежби и активности за загревање кои ќе го раздвижат детето, ќе го активираат мозочето и ќе ја зголемат мотивацијата за подолго задржување на одредена активност, со што се олеснува и учењето. Тие навидум едноставни вежби придонесуваат за поголема ефикасност во текот на целиот час, учениците може полесно да се изразат и да го разберат тоа што треба да го совладаат - објаснува таа.

Како тече процесот на еден индивидуален третман?

Вели дека ги контактираат голем број родители на дечиња од предучилишна и училишна возраст кои бараат индивидуални третмани за стимулација и совладување вештини кои биле прескокнати или заостанати во текот на развојот.
- Првиот чекор е земање анамнеза од родител/старател. Нивното искрено споделување, без сокривање на одредени тешкотии со кои се соочуваат, е клучно за постигнување на посакуваните резултати од третманот. Потоа следува процена на детето, при што се забележуваат отстапките во развојот. Како специјални едукатори и рехабилитатори, акцентот го ставаме на функционалните можности на детето, при што максимално ги искористуваме капацитетите и ги развиваме неговите афинитети. Од извршената процена изработуваме индивидуален план и програма за секое дете по кој се водиме во понатамошните индивидуални третмани. Дополнително за целиот третман да биде поефикасен, изработуваме посебни персонализирани планери за работа во домашни услови со конкретни насоки и активности за развивање на вештините - објаснува Бернанда.

Секој мал напредок за нив е голем напредок

Практиката покажала дека со добра детекција, стимулација и третман кај секое дете, резултатите се неминовни.
- Колку ќе постигнат децата е индивидуално и постојат повеќе фактори кои влијаат врз целиот процес. На пример, две деца со идентична дијагноза постигнуваат различни резултати, а тоа укажува дека секое дете е приказна за себе - додава таа.
Бернанда вели дека мотото во „EUFORIA LEARN Скопје“ е дека секој мал напредок е голем напредок.

- Секој специјален едукатор и рехабилитатор се радува на секое мало постигнување кај детето со кое работи. Досега кај сите деца сме забележале напредок вреден за споменување. Би го издвоиле примерот за детенце со АДХД - дефицит на внимание и хиперактивно однесување зашто неговиот напредок беше најуочлив. Детето едвај седнуваше на стол, на почеток не ги почитуваше насоките и правилата. Концентрацијата и вниманието не беа на задоволително ниво и не беше во можност да се задржи на иста активност повеќе време. По индивидуалните третмани со добро поставени цели, методи и насока за работа на родители во домашни услови, кај детето се постигнаа одлични резултати. Детето потоа пројавува интерес за работа, само седнува на стол, се зголемија концентрацијата и вниманието. Најголемо задоволство за нас беше насмевката на неговиот родител, кога со гордост ни објаснуваше како работите ги правел со поголемо трпение и намалена агресивност, а нивната најголема цел беше постигната со подобрување на академските вештини - нагласува Бернанда.



Отвореноста на родителите - клучна во развојот на децата

Сепак, посочува и дека комуникацијата и соработката со родителите е клучна за тоа како и со какво темпо ќе се одвива развојот кај детето.

- Како стручни лица, правиме план за континуирана работа по кој се водиме, но родителите се тие што поминуваат најмногу време со детето. Прво, сакаме да ги охрабриме сите родители да се јават и да побараат консултација со стручно лице веднаш штом ќе забележат какви било отстапки во развојот кај нивните деца, затоа што раната интервенција игра важна улога во целиот процес - објаснува едукаторката.
Порачува родителите да бидат отворени и да ја претстават вистинската слика на проблемот, да слушаат насоки и да веруваат во работата на стручните лица.

- Знаеме дека кога родителот ќе се соочи со одредена дијагноза на своето дете, станува и самиот експерт на таа тема. Чита, учи, се консултира и бара помош на секој можен начин. Потребно е да бидат трпеливи и да веруваат на стручното лице зашто развојот кај децата е процес кој бара индивидуален пристап и колку брзо ќе се одвива, зависи од можностите на секое дете посебно. Секој отворен родител за соработка придонесува за уривање на стереотипите и подигнување на јавната свест кај народот - заклучува таа.

Фото: приватна архива