Поголем дел од Македонците работат само прва смена, но немаат време за семејството и за себе

Поголем дел од Македонците работат само прва смена, но немаат време за семејството и за себе

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Балансот меѓу работата и приватниот живот во последните години станува сè потежок за одржување. Како сите да брзаме некаде во животот, како на сите работата да ни го преокупира целиот живот и како да немаме време да се посветиме на фамилијата и на себе. Овие чувства се засилени кај оние што живеат во Скопје и оние што патуваат од еден во друг град за да одат на работа, па ви се чини дека половина од денот се возите некаде и на крајот доаѓате дома само за да преспиете. А замислете и да работите во смени. Веројатно би помислиле да си поставите кревет на работното место.

Но, што покажа анкетата која ја спроведовме? Сликата оддалеку е убава, но излегува дека е далеку од убава, барем според резултатите од анкетата. Имено, мнозинството од испитаниците работат по осум часа, само прва смена, пет дена во неделата, патуваат кратко до работното место и можат да си дозволат да одат со автомобил, а пак немаат време ни за себе ни за фамилијата.

Најголем дел од испитаниците се изјаснија дека живеат во Скопје. Исто така, огромен процент, односно 82,9 отсто работат пет дена во неделата, додека 13,3% работат шест, а преостанатите дури седум дена во неделата.

80 отсто од испитаниците работат само прва смена, додека 20 отсто работат во повеќе смени.



Во меѓувреме, 45,7 отсто од нашите испитаници до работното место патуваат најмногу 20 минути, 31,4% патуваат од 20 до 40 минути, 14,3% патуваат од 40 минути до 1 час, а 8,6 отсто патуваат подолго од еден час.



Најчесто користено превозно средство за одење и враќање од работа е автомобилот (41%), а по него следува јавниот превоз со 29,5%. Само 10,5% од испитаниците споделуваат превоз со колеги или пријатели, а 7,6% одат со велосипед на работа. 11,4 отсто од испитаниците користат други средства.



На најголем дел од испитаниците, поточно 69,5 отсто, работното време им е 8 часа, а 21 отсто се изјасниле дека работат и повеќе од 8 часа дневно. Истовремено, 9,5 отсто истакнале дека работат 6 часа дневно.


И додека сликата од далеку изгледа прилично убава, земајќи предвид дека мнозинството од испитаниците работат по осум часа, само прва смена, пет дена во неделата, патуваат кратко до работното место и можат да си дозволат да одат со автомобил, Македонците сепак немаат време ни за себе ни за фамилијата.

Имено, 57,1 отсто од испитаниците одговориле дека по работата немаат доволно време за да му се посветат на семејството, а високи 69,5 отсто немаат време ни за себе.




Оние што имаат слободно време велат дека го користат за одмарање, читање книги, спиење, гледање филмови, уредување на дворот, бавчата, спортување, активности со семејството и слично.

- Читам книги (претежно стручна литаратура, енциклопедии и сл.), велосипедизам, прошетка и истражувања во природа и теренски истражувања во рамките на мојата самостојна научноистражувачка работа, прошетка и патувања со девојката, на кафе со моите пријатели и познајници и итн., јога, медитација и слично - вели еден испитаник.

Општиот заклучок на испитаниците е дека немаат баланс меѓу работата и животот, како што одговориле 64,8 отсто од испитаниците, додека 35,2 отсто сметаат дека имаат баланс во животот. А зошто е така?



- Живеам во Крушево, а работам во Прилеп - меѓуградскиот превоз е катастрофа, нема чести линии и од таа причина од дома излегувам во 6, а се враќам попладне во 17:45... Имам две мали деца на возраст од 4 и 1,5 година, немам време за ништо - вели еден испитаник.

Друг, пак, вели дека често останува прекувремено, а некогаш работи и за викенди.

- Работодавецот не го цени приватното време на работниците, барем во фирмата во која работам - вели тој.

- Ако ги собереш работното време и домашните обврски и обврските со детето околу школо и воншколски активности, не останува време за себе или за хоби, или какво било опуштање - пишува друг испитаник.

Друг, пак, истакнува дека има недостиг на баланс поради психичка истоштеност по завршувањето на работното време, а тоа предизвикува намалена енергија и желба за извршување други активности.

Оние што сметаат дека имаат баланс во животот, пак, истакнуваат дека тоа се прави со добра организација во животот и негубење време на социјални мрежи.