Британски суд одлучи: Асанж нема да биде екстрадиран во Америка

Британски суд одлучи: Асанж нема да биде екстрадиран во Америка

Основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, нема да биде екстрадиран во САД, каде што го чекаат обвиненија за шпионажа поради објавување тајни американски воени документи.

Пресудата ја соопшти судијката Ванеса Барацер во суд во Лондон, со што беше одбиено барањето на американските власти. Асанж не може да биде екстрадиран во САД поради обвинение за шпионажа и хакирање на државни компјутери, одлучи британската судијка. Како причина за тоа таа ја наведе неговата здравствена состојба. Судијката ги прифати мислењата на лекарите дека Асанж пати од депресивно нарушување и аутизам (иако во неговиот случај станува збор за високофункционален аутист).

Барацер истакна дека Асанж е изложен на висок ризик од самоубиство и дека постои реален ризик дека ќе биде притворен под посебни административни мерки во американски затвор, особено затоа што тамошната разузнавачка заедница е непријателски расположена кон него.

- Екстрдицијата би била репресивна поради менталното здравје на Асанж - рече судијката.

Таа додаде дека Асанж ќе биде задржан во притвор.

Сепак, конечната одлука за екстрадиција треба да ја донесе британската министерка за внатрешни работи Прити Пател.

Се очекува САД да поднесат жалба, со што најверојатно ќе се продолжи правната постапка.

Пред судот во Лондон се собраа голем број поддржувачи на Асанж кои ја прославија одлуката.

Асанж е во затвор во Лондон откако Еквадор му го укина азилот, па во 2019 година беше уапсен.

Извор: Blic
Насловна фотографија: Wikipedia