Аса Кендлер - американскиот претприемач кој ја направи „кока-кола“ светски пијалак
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Аса Григс Кендлер бил американски претприемач, роден на 30 декември 1851 година во Џорџија, каде што го поминал поголемиот дел од животот. Тој остана запаметен како човекот кој го купи рецептот за тогаш непознат пијалак и ја основа компанијата што подоцна ќе стане една од најпознатите во светот, „Кока-Кола“.
Кендлер ја водел компанијата до 1919 година, по што ја продал и се посветил на филантропијата и политиката.
Ја популаризирал „кока-колата“ низ САД
На 36-годишна возраст, Кендлер се сретнал со хемичарот Џон Стит Пембертон, кај кого пробал сладок газиран пијалак што веднаш му се допаднал. Рецептот го купил за околу 2.300 американски долари, сума што тогаш имала поголема вредност отколку денес, но сепак незначителна во споредба со подоцнежната вредност на брендот. Во 1892 година ја основал компанијата и започнал со продажба.
На почетокот пијалакот се продавал исклучиво во аптеки, не бил во шише и се нудел како концентрат што се мешал со минерална вода. Се рекламирал како тоник за здравје кој помага против главоболка, замор и дигестивни проблеми.
Во наредната деценија Кендлер ја претворил „кока-кола“ во еден од најпопуларните пијалаци во САД. Кокаинот бил целосно отстранет од рецептот во 1904 година, по што пијалакот почнал масовно да се продава и во продавници и угостителски објекти.
Од првата деценија на 20 век Кендлер сè повеќе се вклучувал во јавниот живот, а во 1916 година станал градоначалник на Атланта. Компанијата им ја препуштил на своите деца, кои набрзо му ја продале на инвеститорот Ернест Вудруф.
Неговиот мандат бил обележан со големиот пожар во 1917 година, кога бил уништен значаен дел од градот, а повеќе од 10.000 луѓе останале без дом. Кендлер вложил лични средства во обновувањето на градот, изградба на канализација, зајакнување на противпожарната служба, како и во образованието и здравството.
Починал во 1926 година од срцев удар. Во Атланта до ден-денес се смета за еден од најзначајните и најуспешни политичари во историјата на Џорџија, а погребан е во близина на градскиот парк чија изградба лично ја поддржал.
Извор:
021.rs
Фото: Pixabay