Границите се клуч за емоционалната сигурност
Подготвил:
Билјана Спиркоска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Урамнотежена личност размислува за своите и туѓите потреби. Фокусирана е на својата вистина. Во состојба е во себе да држи добри намери и кон себе и кон другите. Но, да се биде постојано урамнотежен е идеал, па претставува само насока. Но, ако ова се постигнува во поголем дел од времето, може да се каже дека постои емоционална отвореност, стабилност и зрелост.
Сепак, некогаш сме добро урамнотежени, некогаш тоа не ни оди од рака. Понекогаш премногу се свртуваме кон себе, инсистираме на своите потреби или сме свртени кон другите, а забораваме на себе.
Кога зборуваме за обрасци, тоа значи дека нешто постојано е во времето, она што најчесто се случува по шема. Ако набљудуваме преку екстреми, постојат луѓе кои се грижат само за своите потреби, кои се егоцентрични, не мислат многу за другите или тоа го прават ретко. Од другата страна се децентрираните луѓе, кои пречесто се во телата на другите наместо во своето. Многу време им поминува во размислување што се случува во туѓите глави, очекуваат другите да се променат и се лутат што тоа не се случува.
Тоа се луѓе кои често се чувствуваат несигурни и небезбедни. Ако сопствената сигурност се премести кај друг, тогаш е јасно зошто луѓето кои имаат слаб контакт со себе се обидуваат да влезат во светот на другиот, зошто понекогаш минуваат часови размислувајќи за другите, за туѓите потреби и зошто некогаш прибегнуваат кон контрола преку грижа.
Најсигурното место на светот е во нас. Чувството на сигурност и безбедност не можеме да го градиме во друг, туку само во себе.
Но, како се постигнува тоа?
Одговорите се многу едноставни, но на лицата што рано научиле да се напуштаат себеси заради другите (и тоа е стратегија на преживување), ќе им треба време додека се запознаат, а претходно да се соочат со длабоките, закопани чувства на кои немале права.
Чувството на сигурност го градиме низ граници, јасна рамка каде сме ние, а каде другите, и низ доследност. Потребно е прво да се направи сепарација од другите. Јас сум јас, ти си ти. Не можеме автентично да оствариме близина ако немаме граници. Без граници би биле паразити на други лица, а само кога сме бебиња имаме право да бараме потребите да ни бидат задоволени без да дадеме нешто за возврат. Романтичните фантазии на попатно топење со друг, всушност, се сигнали дека за време на раниот развој не била задоволена потребата за стопување со мајката и постепено одвојување од мајката кон сè поголема самостојност. Често романтичните фантазии со кои сме наклукани преку разни филмови и серии повеќе говорат за недостатоците отколку за нешто што треба да го бараме во животот во своите меѓучовечки односи.
Потребно е да бидеме доследни, границите постојат со причина која ни е јасна, знаеме зошто се тука, не сме ги одредиле на слепо.
На почетокот на учењето се случува луѓето да станат малку ригидни или границите сè уште да се попустливи, но тоа се вежба со текот на времето и ја бараме својата мерка.
Значи, не се напуштаме себеси, не ги занемаруваме своите рамки, вредности, потреби... Од тоа место полесно се оди во пресрет на другите бидејќи веруваме дека ќе знаеме да се грижиме за себе, за својата сигурност (учејќи, меѓу другото, да одбираме емотивно посигурни луѓе), да ги разбереме своите моментални капацитети и свесно да ги користиме, односно ќе знаеме кога да запреме за да не дојде до прегорување, хроничен замор итн. А за да се постигне тоа, мора да се навлезе подлабоко во личните стравови, забранетите емоции, во сопственото тело, нервниот систем кој ги запомнил лошите исходи кога лицето се зазело за себе.
Патот не е едноставен, но постои начин. Ова е само кратка ментална мапа за луѓето што се научени да заминуваат од себе бидејќи така морале, а не затоа што тоа суштински е добро за нив.
Автор: Вања Орловиќ, мастер психолог
Извор:
Psiholog Vanja Orlovic
Фото: Freepik