Кратките изливи на физичка активност го намалуваат ризикот од срцев удар кај жените
Забрзана енергична активност во текот на денот може да ги спречи срцевите проблеми кај женската популација.
Кај жените што вклучиле кратки периоди на интензивна физичка активност во нивната секојдневна рутина забележано е дека ризикот од големи кардиоваскуларни проблеми се намалил за 45 отсто во споредба со жените што не правеле ништо, објавиле научниците во „Британскиот журнал за спортска медицина“.
А тие кратки изливи на активност може да бидат навистина кратки, вели Емануел Стаматакис од Универзитетот во Сиднеј - само 20 до 30 секунди интензивен физички напор, „расфрлани“ повеќе пати во текот на денот. Во студијата на неговиот тим, неколку минути од овие интензивни активности биле доволни за да се видат големи придобивки за срцето.
Тоа не е нова идеја за Стаматакис, кој работи на терен со децении. Тој претходно покажал дека кратките изливи на енергична активност го намалуваат ризикот од смрт од која било причина за речиси 40 проценти. Во новата студија тој сакал да разгледа специфични кардиоваскуларни проблеми, како што се срцев удар, срцева слабост и мозочен удар, како и разликите меѓу мажите и жените.
Тимот анализирал податоци од повеќе од 22.000 луѓе на возраст од 40 до 69 години, кои пријавиле дека не вежбаат во слободното време. Тие носеле уред за следење на движењето една недела и истражувачите ги забележале нивните здравствени проблеми во текот на следните осум години, во просек.
Од 969 жени што немале никакви периоди со силна физичка активност, 52 подоцна доживеале голем кардиоваскуларен проблем. Но, на жените што правеле таква активност околу 3,4 минути, ризикот им бил намален речиси на половина. Дури и интензивни кратки физички активности, во времетраење од само една до две минути на дневна основа, го намалуваат ризикот од срцев удар кај жените за 33 отсто, откриле Стаматакис и неговите колеги.
Истражувачите забележале помали придобивки за срцето кај мажите. Можно е просечното ниво на фитнес на мажите да било повисоко, така што малото зголемување на дневната активност може да има помал ефект, вели Стаматакис.
Но, генерално, вели тој, пораката е едноставна: важно е да изградиме навики кои внесуваат малку напор што го забрзува срцето и го „краде“ здивот во нашиот секојдневен живот. Тоа може да изгледа во форма на паркирање малку подалеку од продавницата за намирници, одење по скалите или дури бркање на вашето куче низ паркот.
- Клучот е да се вклучат што повеќе кратки интензивни физички активности во текот на денот - вели Стаматакис.
Извор: sciencenews.org
Фото: Freepik