Турција го пушти најдолгиот товарен брод во светот, со капацитет од 5.842 тони

Турција го пушти најдолгиот товарен брод во светот, со капацитет од 5.842 тони

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Светот на карго-превозот е на пат кон промена. Најдолгиот товарен брод на светот, кој работи со силата на ветерот, неодамна беше пуштен во употреба во пристаништето Тузла во Турција.

Наречен „Неолајнер Ориџин“, бродот долг 136 метри ветува дека ќе ги намали емисиите на јаглерод и ќе воведе позелена ера на поморскиот транспорт. Интересно е што може да носи 5.842 тони товар на долги растојанија.

Бродот ќе биде опремен во текот на следните шест месеци. Ова лето ќе патува од Турција до Сен-Назер, Франција. Потоа се очекува да ја започне својата северноамериканска маршрута, запирајќи во Сен-Пјер-ет-Микелон во Франција, американското пристаниште Балтимор и Халифакс, Канада.

Бродот е дизајниран од француската компанија „Неолајн“, а конструиран од турското бродоградилиште „РМК Марина“.

Опремен е со 3.000 квадратни метри едра и два преклопливи јаглеродни јарболи од 76 метри. Јарболите имаат штици што се извлекуваат за да се спречи страничното лизгање. Бродот, исто така, има и систем за следење на временските услови, за подобрена ефикасност и навигација.

Има носивост од 1.200 линеарни метри и е дизајниран да носи опрема на тркалање, контејнери и преголем товар.

Овој брод е дизајниран да произведува до 80 проценти помалку емисии на стакленички гасови во споредба со слични товарни бродови со конвенционален погон.

Според Меѓународната поморска организација, поморскиот транспорт сочинува околу 3 отсто од светските емисии на стакленички гасови.

Извор: interestingengineering.com

Фото: YouTube screenshot