Колку долго ќе живеете најмногу зависи од вашите гени, некој вози „мерцедес“, некој „југо“

Колку долго ќе живеете најмногу зависи од вашите гени, некој вози „мерцедес“, некој „југо“

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Според најновото истражување објавено во списанието „Сајнс“, должината на човечкиот живот е во голема мера запишана во гените, додека здравите навики можат само благо да го продолжат животниот век. Со други зборови, ако вашата генетска предиспозиција овозможува да живеете до 80 години, малку работи што ќе ги направите можат да ви помогнат да стигнете до 100 години.

Истражувањето било спроведено под водство на Уриј Алон од Институтот за наука „Вајцман“ во Израел, а податоците биле собрани од три шведски истражувања врз близнаци, вклучувајќи и близнаци одгледувани одделно. За да се провери универзалноста на резултатите, истражувачите анализирале и податоци за 2.092 браќа и сестри од 444 Американци кои доживеале 100 години. Целта била да се утврдат фактори надвор од генетиката, како болести или несреќи, кои можат да влијаат врз животниот век.

Главниот заклучок од истражувањето бил дека стареењето е претежно наследно, што е во спротивност со вообичаеното сфаќање за влијанието на исхраната, вежбањето и здравите навики. Тие навики сигурно влијаат врз квалитетот на животот, но не можат да направат некој да стане стогодишник без соодветна генетска предиспозиција.

- Ако сакате да ги процените шансите да доживеете 100 години, погледнете колку долго живеат членовите на вашето семејство - вели д-р Томас Перлс, геријатар и директор на Истражувањето на стогодишници при Универзитетот во Бостон. Неговите податоци за американските стогодишници биле користени во новата анализа, иако д-р Перлс не бил дел од истражувањето.

Професорот по епидемиологија С. Џеј Олшански од Универзитетот во Илиноис оцени дека истражувањето испраќа јасна порака: - Немате толку контрола над својот живот колку што мислите. Некои од нас возат „мерцедес“, некои „југо“.

Истражувањето покажува дека гените објаснуваат повеќе од 50 отсто од разликите во животниот век во популацијата, додека претходните истражувања зборуваа за само 25 отсто. Разликата произлегува затоа што претходните истражувања вклучувале луѓе кои умреле од причини што не се поврзани со генетиката, како несреќи или болести.

Сепак, истражувачите нагласуваат дека стилот на живот сè уште има значење. Здравите или нездравите навики можат да додадат или да одземат околу пет години животен век одреден од генетиката. Лицето со предиспозиција да живее до 80 години може да умре на 75 ако не живее здраво или може да доживее 85 ако строго се придржува до сите здрави правила.

Здравите навики го продолжуваат животот, но границите ги поставуваат гените


Д-р Перлс напоменува дека здравите навики, како правилната исхрана, непушењето, одржувањето нормална тежина и редовното вежбање сè уште можат значително да го продолжат животот, особено кај лица кои немаат гени на стогодишници.

Според истражувањата на „Харвард“, жена во педесеттите години со здрав начин на живот може да очекува да живее 93 години, додека без здрави навики би доживеала 79. За маж на иста возраст, здравите навики можат да го продолжат животот од 76 на 88 години.

Заклучокот е јасен: гените поставуваат граници, но здравиот живот влијае колку приближно ќе го достигнете вашиот генетски потенцијал.

- Полесно е да си го скратите животот отколку значително да го продолжите - предупредува д-р Олшански.

Извор: Euronews.rs
Фото: Freepik