Маратонското гледање серии може да биде знак за осаменост, покажува ново истражување
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Гледањето омилена ТВ-серија во континуитет може да изгледа како безопасен начин за опуштање, но луѓето што гледаат до степен на зависност почесто се чувствуваат осамени, покажува ново истражување.
Истражувањето објавено во списанието „Плос уан“ открило поврзаност меѓу осаменоста и зависноста од маратонското гледање, што укажува дека некои луѓе ги користат телевизиските серии како начин за справување со социјалната изолација.
Истражувачите Сјаофан Јуе и Син Цуи од Универзитетот „Хуангшан“ во Кина ги анализирале одговорите од анкета на 551 возрасна личност кои биле големи љубители на серии. Сите учесници гледале најмалку 3,5 часа телевизија дневно и повеќе од четири епизоди неделно.
Повеќе од шест од десет учесници (334 лица) ги исполнувале критериумите за зависност од маратонско гледање, кои вклучувале искуство на опсесија, зголемено гледање телевизија и негативно влијание врз секојдневниот живот, како што се работата или меѓучовечките односи.
Кај оваа група, повисоките нивоа на осаменост биле значајно поврзани со потешка зависност од маратонско гледање. Оваа поврзаност не била забележана кај гледачите што не ги исполнувале критериумите за зависност, што укажува дека зависничкото гледање може да биде поттикнато од различни психолошки фактори.
Зошто луѓето гледаат серии во континуитет
Истражувачите испитувале зошто луѓето развиваат навика на маратонско гледање и откриле дека осаменоста е тесно поврзана со два клучни фактори: бегство од реалноста и емоционално зајакнување. Ова укажува дека луѓето што се осамени се насочуваат кон телевизијата за да ги избегнат негативните емоции, но и за да побараат утеха или задоволство.
Претходните истражувања ја поврзале осаменоста со ментален стрес, послаба ментална благосостојба, полошо физичко здравје и понизок квалитет на живот.
Светската здравствена организација проценува дека осаменоста погодува 16 отсто од луѓето во светот и ја смета социјалната изолација за сериозна закана за глобалното здравје.
Социјалната изолација и осаменоста се поврзани и со зголемен ризик од срцеви заболувања, дијабетес тип 2, депресија и анксиозност, според податоците на СЗО.
Ограничувања на истражувањето
Сепак, истражувањето за маратонско гледање има свои ограничувања. Тоа покажува поврзаност, но не и директна причинско-последична врска, што значи дека не може да докаже дека осаменоста директно доведува до зависничко гледање серии.
Истражувачите се фокусирале исклучиво на гледање телевизија и не ги испитувале другите форми на користење екрани, како што се кратките содржини на „Јутјуб“ или „Тик-ток“.
Сепак, резултатите укажуваат дека прекумерната консумација на медиуми може да служи како стратегија за справување кај луѓе што се борат со социјална изолација.
- Ова истражување го унапредува нашето разбирање на маратонското гледање, разликувајќи зависни и независни форми, додека бегството од реалноста и емоционалното зајакнување служат како два патишта за регулација на емоциите - напишале авторите на истражувањето.
Истражувачите истакнуваат дека се потребни дополнителни истражувања за да се утврди дали намалувањето на осаменоста може да помогне во превенцијата или решавањето на проблематичните навики пред екраните.
Извор:
Euronews
Фото: Freepik