Поларните мечки на Свалбард се здебелуваат и покрај губењето на морскиот мраз
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Возрасните поларни мечки на норвешкиот архипелаг Свалбард ја зголемиле телесната тежина во текот на последните две децении и покрај намалувањето на арктичкиот мраз, се наведува во ново истражување.
Истражувачите од Норвешкиот поларен институт, предводени од Јон Арс, анализирале 1.188 мерења на 770 возрасни мечки, фатени на Свалбард во периодот од 1992 до 2019 година. Податоците биле споредени со бројот на денови без морски мраз во Баренцовото Море.
Во тој период, бројот на денови без мраз се зголемил за околу 100, односно во просек за четири дена годишно.
Сепак, истражувањето покажало дека просечниот индекс на телесна состојба кај возрасните мечки се подобрил по 2000 година, што укажува на поголеми резерви на масно ткиво и подобра општа здравствена состојба.
- Тие добија на тежина во текот на последните две децении наместо да ослабат - изјави Арс.
Авторите на истражувањето наведуваат дека објаснување за овој тренд може да биде зголемувањето на копнениот плен, како што се ирвасите и моржовите, кои во минатото биле прекумерно искористувани.
Исто така, се сугерира дека со намалувањето на мразот, пленот, како што се фоките, може да се концентрира на преостанатите површини со мраз, што го олеснува ловот.
Сепак, научниците предупредуваат дека понатамошното губење на морскиот мраз може долгорочно да им наштети на мечките бидејќи тие би биле принудени на подолги патувања до ловиштата, што веќе е забележано кај други популации.
Арс нагласи дека постои праг по кој мечките би можеле да почнат да губат телесна тежина, додавајќи дека сè уште не се стигнати до тој момент, но се очекува тоа да се случи во иднина.
Извор:
Euronews.rs
Фото: Freepik