Проверете ги старите аудиокасети - може да заработите неколку илјади евра
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Во овој нов, дигитален свет сè што е аналогно може да има огромна вредност. Иако сè што има ретро призвук одамна е во мода, се чини дека глобалниот интерес за винтиџ предмети, како потсетници на „подоброто минато“, дури сега зема замав.
Побарувачката, а со тоа и цената, ја зголемува и сентименталната вредност на одредени предмети, па така за некоја стара винилна грамофонска плоча можете да купите и нова куќа. Меѓу работите чија вредност со текот на времето сè повеќе расте се и музичките касети.
Тие беа практични затоа што можевте да ги ставите во вокмен и да ги носите насекаде со себе, иако знаеја и да нè изнервираат ако беа стари и не произведуваа добар звук. Ако припаѓате на генерацијата х, во која спаѓаат сите родени од 1965 до 1980 година, сигурно веќе погодивте дека станува збор за старите, добри (и незаменливи) аудиокасети.
Во универзалната ретро еуфорија некои добри работи од минатото се враќаат на голема врата. Не само модата. Затоа што закоравените љубители на музиката, особено од постарите генерации, се свесни дека ништо не може да го замени звукот што го создава иглата додека лизга по винилот, па денес повторно се печатат грамофонски плочи и тие се поскапи од цедињата.
Грамофоните се сè побарани, некои се продаваат по астрономски цени, а веднаш по нив доаѓаат и „љубителите на ленти“, бидејќи ретроманијата ги зафати и касетите. Следни на ред веројатно се ВХС-касетите и видеорекордерите. Во ерата во која доминираат дигиталните технологии, магнетната лента и нејзината аналогна естетика силно ги привлекуваат љубителите на речиси сè што е застарено, а колекционерите се подготвени добро да платат за тоа задоволство.
Секако, не се сите музички касети еднакво вредни, иако се сведоштво за едно време што нема да се врати. Цената зависи од повеќе фактори: зачуваноста, квалитетот на репродукцијата и изведувачот.
Платформата „Дискогс“, најголемиот глобален онлајн „пазар“ за продажба и размена на носачи на звук во сите можни формати, неодамна објави листа со петте најскапи касети продадени на таа платформа. Можеби имате некои на таван, а не сте свесни за тоа.
На петтото место се најде шведскиот метал-бенд „Гоуст“. Неговиот деби-албум од (не толку далечната) 2009 година е објавен во само седум примероци и содржи три песни, а еден од нив е продаден за 1.854 евра.
Четвртата позиција ја држи колекција од 32 касети – компилацијата „Антајдајрис 1979-87“, за која новиот сопственик издвоил 1.410 евра, додека третото место му припадна на бендот „Ксеро“, односно неговиот прв и единствен албум снимен во 1996 година, пред да стане „Линкин парк“. Постојат само неколку копии, а оваа е продадена за 2.760 евра.
Вицешампион на листата е „Версаче експириенс - прелуд 2“, лимитирано издание што Принс го наменил за гостите на ревијата на модната куќа „Версаче“, одржана во 1995 година за време на Модната недела во Париз. Цената на една касета достигнала 3.047 евра.
Победник е „Дефтнес“, касета објавена во 1990 година, произведена во само 15 примероци - толку ретки и ексклузивни што денес во музичкиот свет уживаат речиси митски статус. Еден примерок, со телефонскиот број на менаџерот, е продаден за 3.132 евра.
Извор:
6yka.com
Фото: Freepik