Работниците што го чистеле Чернобил по катастрофата им ги пренесуваат мутациите на своите деца
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Околу 1,5, час по полноќ, на 26 април 1986 година, реакторот бил погоден од ненадеен скок на напонот додека траело тестирањето за безбедност во нуклеарната централа Чернобил во Украина. Кога операторот очајно го притиснал копчето за итно исклучување, веќе било доцна. Во повеќестепената експлозија што следувала, покривот на реакторот, тежок илјада тони, бил исфрлен во воздух како огнен метеор, ослободувајќи јонизирачка радијација.
Смртните случаи од радијациско труење биле само почеток. Стотици илјади работници биле вклучени во расчистувањето на радиоактивниот отпад и сè што било контаминирано со талог од централата, но многумина од нив немале претстава дека експлозијата ќе им ги измени гените, како и гените на нивните потомци.
Сега, меѓународен тим истражувачи предводен од лекарот и генетичар Питер Кравиц од Универзитетот во Бон, Германија, откриле како ефектите од изложеноста на јонизирачка радијација може да им се пренесат на децата на изложените лица.
- Истражувањето на ваквите ефекти е неопходно за да се создадат ефикасни превентивни мерки. Можноста за пренесување генетски промени предизвикани од радијација на следната генерација ги загрижува родителите кои можеби биле изложени на повисоки дози јонизирачка радијација и подолг временски период од она што се смета за безбедно - изјави Кравиц.
Интензивната енергија од радијацијата има штетни генетски ефекти. Јонизирачката радијација ги јонизира молекулите на водата во клетките, создавајќи реактивни кислородни соединенија, нестабилни и исклучително реактивни форми на кислород. Ова може да ги прекине ДНК-низите или да предизвика оштетувања на ДНК-базите преку оксидативно оштетување, што може да доведе до клеточна смрт и геномска нестабилност. Може да настанат мутации и преку транслокации, кога хромозомите се кршат и нивни делови се прикачуваат на други хромозоми.
Тимот на Кравиц се запрашал дали проблемите завршуваат тука. За да утврдат дали ДНК-оштетувањата предизвикани од јонизирачка радијација може да се детектираат кај децата на директно изложените лица, истражувачите ги секвенционирале геномите на работници од Чернобил и пензионирани германски воени радарски оператори од времето на Студената војна.
Мутациите не биле видливи на клеточно ниво
При пребарувањето мутации, тимот барал делови од ДНК со повеќекратни оштетувања. Очекувано, кај потомството на татковци изложени на радијација биле откриени повеќе мутации отколку кај контролната група. Иако не многу од мутациите биле сериозни, зголемувањето на нови мутации, најчесто во некодирачките делови од ДНК, било поврзано со изложеноста на радијација кај татковците, што значи дека тие можат да се пренесат меѓу генерациите.
Анализата на ДНК на потомството го потврдила присуството на мутации, кои биле значително почести кај децата на изложени родители во споредба со контролната група. Овие мутации не биле видливи на клеточно ниво и не би можеле да се откријат без геномско секвенционирање.
Сепак, мала е веројатноста дека потомството на родители изложени на радијација ќе развие генетска болест поради наследените мутации. Кравиц утврдил дека ризикот од генетски заболувања поврзан со возраста на родителите во моментот на зачнување е всушност поголем од ризикот што го носат овие мутации.
- Ова истражување е првото што обезбедува доказ за постоење трансгенерациски ефект од долготрајна изложеност на ниски дози јонизирачка радијација. Наодите отвораат неколку насоки за понатамошни истражувања за карактеризирање на трансгенерациските ефекти од радијацијата врз човечкиот геном - вели Кравиц.
Извор:
Popularmechanics.com
Фото: Freepik