Многу последици може да се влечат со недели: Какви проблеми имаат оние што прележале Ковид-19?

Многу последици може да се влечат со недели: Какви проблеми имаат оние што прележале Ковид-19?

Подготвил: Радмила Заревска / radmila.zarevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Иако сè уште нема конкретни анализи во Македонија, сепак, според личните искуства што ги имаат оние што биле позитивни на вирусот, но и според искуствата на лекарите, над педесетина последици може да се влечат и со недели откако едно лице ќе биде излекувано од Ковид-19

Замор, немање физичка сила, често гадење, главоболка, опаѓање на косата се само дел од симптомите со кои најчесто се соочуваат оние што прележале Ковид-19. Многумина сметаат дека со прележувањето на вирусот без сериозни симптоми завршуваат и проблемите, но искуствата покажуваат дека коронавирусот може да остави последици врз здравјето на луѓето.
Иако сè уште нема конкретни анализи во Македонија, сепак, според личните искуства што ги имаат лицата што биле позитивни на вирусот, но и според искуствата на лекарите, над педесетина последици може да се влечат и со недели откако едно лице ќе биде излекувано од Ковид-19. Чести се и случаите на покачени параметри на шеќерот во крвта, кои се стабилизираат дури по еден или два месеца. Регистрирани се и проблеми со видот, за што некои пациенти се сомневаат дека е последица на Ковид-19.

Според некои научни студии во светот, осум од десет луѓе што биле заразени со коронавирус и се излекувале имаат симптоми кои можат да траат и повеќе од две недели.
Токму од овие причини, лекарите советуваат дека е многу важно лицата што прележале Ковид-19 во периодот по негативизирањето да продолжат да ја следат својата здравствена состојба со редовни прегледи, особено поврзани со симптомите што ги чувствуваат.

Лични искуства на прележаните


На социјалните мрежи има неколку групи каде што се споделуваат искуства од оние што во моментот се заразени со вирусот, но и од оние што веќе ја прележале болеста и повеќе не се во изолација. Нивните искуства се различни.

- Пред пет месеци прележав Ковид-19. Тогаш го изгубив сетилото за мирис, но потоа ми се врати и сè течеше нормално. Три месеци потоа забележав промени во сетилото за мирис. При консултација со доктор ми рекоа дека е последица од прележан вирус. Претходно не сум имала проблеми со синуси, или пак со алергии. Примам терапија веќе три недели, но состојбата е непроменета - вели членка на групата „Ковид19 Искуства и Совети“.

Друга членка на истата група вели дека по три месеци од прележан Ковид-19 со тешка форма на болеста се соочува со нагло опаѓање на косата.
- За две недели ми се случи големо проретчување на косата. Дали некој има искуство околу оваа појава? - прашува таа.

Маж речиси три месеци по прележан Ковид-19 вели дека здравјето му е значително влошено.
- Не знам дали е последица од прележаниот вирус или од антибиотиците што ги пиев (две дози „сумамед“ и „панцеф“). Чувствувам вртоглавици, краток здив, по кожата ми се појавуваат мали пликчиња кои ме чешаат, на темето на главата ми се појавуваат мали мозолчиња, кои преминуваат во ранички што болат. Немам никаква концентрација и имам проблем со помнењето. За имунитетот да не коментирам. Дали некој има слични искуства? - бара одговор тој.

Според искуството на друга членка, и по девет месеци од прележан Ковид-19 уште има болки во градите.
- Направена е компјутерска томографија на белите дробови и сè е во ред. И крвната слика е стабилна. Но, јас сè уште имам болки во градите над ребрата, под пазувите. Болка имам и на допир, како да нема еластичност на мускулите. Се чувствувам како да сум во гипс. Докторите велат дека ми е на нервна база и ми препишуваат Б6, магнезиум, дијазепам - посочува таа.

Друга прашува дали некој од пациентите што прележале Ковид-19, среден облик на болеста, има проблем со варирање на крвниот притисок?

- Четири месеци по прележан Ковид-19 не можам да си дојдам на себе? Дали по прележување на болеста сте имале проблем со тахикардија, ладен воздух во градите и болка. Најчесто симптомите се појавуваат навечер - прашува членката.



Следење на симптомите и редовни контролни прегледи

Матичната докторка Лилија Чолакова-Дервишова, воедно и претседател на Здружението на приватни лекари, вели дека имала многу пациенти со прележан Ковид-19 кои потоа се жалеле на одредени симптоми. Забележала дека оние што биле на болничко лекување и на кислородна поддршка потоа имале проблеми со белите дробови, а има и такви што добиваат миокардит, или ослабнување на срцевиот мускул.

- Често има лица со покачени Д-димери, состојба што ја регулираме со терапија. Има и такви со покачен шеќер, како последица на воспалителни процеси во организмот. Овој вирус ни покажа и многу други состојби, нетипични за другите вируси, на пример, стабилна крвна слика, стабилни лимфоцити, а пациентот има болки во мускулите, или ноќно потење, кое укажува како да има труење во организмот - објаснува докторката.

Според неа, и во постковид-ситуациите со пациентите матичните доктори ја завршиле својата работа и се труделе да ги упатат на сите контроли и прегледи.

- Задоволни сме што најголем дел од пациентите поминаа со лесни симптоми. Но, за постковид-симптомите потребно е да има реагенси, да има термини за контроли... - додава Чолакова-Дервишова.

Проф. Пановски: Потребни се контроли

Микробиологот Никола Пановски, пак, вели дека прележувањето на Ковид-19 кај различни пациенти остава и различни последици, во зависност од нивната претходна здравствена состојба.

- Кај некои удира на нервниот систем, кај некои на крвта, кај некои на срцевите состојби. Потребни се контроли, но за полесната симптоматологија нема посебно лекување, туку се остава организмот да се навикне на новата состојба - додава Пановски.

Според него, нема потреба од посебни ковид-болници зашто секој од пациентите ќе се лекува според симптомите.

- Затоа е потребна вакцинација. Вакцините се заштита од потенцијален инвалидитет на организмот на еден пациент, кој може да настане од прележување на вирусот - посочува микробиологот.

Д-р Калпак: Мора да се почитуваат лекарските препораки

Кардиологот Оливер Калпак, директор на Клиниката за кардиологија во Скопје, вели дека мора да се потенцира дека за вирусот и за неговите последици сè уште малку се знае во светски рамки.
Посочува дека сега се во тек анализи на состојбите, за кои прецизни информации ќе имаме во иднина.

- Точно е дека многу од оние што прележале Ковид-19 често имаат проблеми со воспалителни промени на миокардитот, како и во тромбоемболичниот дел. Но, најчесто тоа се веќе пациенти што имале кардиолошки проблеми - објаснува тој.

Затоа, според него, пациентите со хронични заболувања треба да ги почитуваат препораките на своите лекари.

- Претходната кардиоваскуларна состојба на еден пациент е многу важна за тоа како ќе се одвива неговата состојба во текот на инфекција со вирусот и по неговото прележување. Сепак, мораме да потенцираме дека општо, според сите статистики, кардиоваскуларните болести се најголем причинител за смртност - додава тој.

Најнова мета-анализа на која сè уште не е направена рецензија покажува дека има повеќе од 50 долготрајни симптоми кај пациенти кои прележале Ковид-19.

Фото: Фрипик