Се бараат наставници што ќе работат на новите наставни програми

Се бараат наставници што ќе работат на новите наставни програми

Подготвил: А.П.

Во периодот што следува наставници и професори ќе ги работат наставните програми за новата учебна година, согласно новата концепција за основно образование која ќе се применува од 1 септември, во прво и во четврто одделение. Откако ќе се сработат наставните програми, од јуни ќе почнат обуките за одделенските наставници, кои во текот на летото ќе учат како да предаваат согласно новите правила.

Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска потсети дека новата концепција  неодамна беше усвоена од Владата, по јавната расправа за неа, на која учествуваа многу професори, наставници и педагози.

- Новата концепција е јавно достапна. Од денеска влегуваме и со јавен повик, за кој претпоставувам дека веќе е објавен, а се однесува на подготовка на наставните програми за учебната 2021/2022 година во прво и во четврто одделение, кои ќе започнат по новата концепција. Ги повикувам сите наставници и професори да се вклучат во подготовката на програмата оти навистина е значајна за националниот капацитет, кој го имаме од професори, да го даде својот максимум во подготовката на квалитетни програми - рече министерката при посетата на Општина Ѓорче Петров, каде што започнаа активностите за доградба на крило во состав на Основното училиште „Димитар Поп Георгиев-Беровски“ во населбата Хром.

Како што најавија надлежните од Бирото за развој на образованието, обуките за околу 3.000 наставници во државата ќе траат од јуни до септември и ќе бидат наменети за наставниците од прво и од четврто одделение.

- Ние како БРО и досега имаме организирано и реализирано обуки со поголем број наставници. Обуките ќе бидат регионални, организирани во 10 центри и ќе бидат повеќедневни. Се надеваме дека дотогаш ќе има услови да се реализираат според протоколи во живо. Обучувачи ќе бидат советници и универзитетски професори. Обуки за наставниците од шесто одделение ќе има в година – рекоа оттаму.