Аеродромот во Тампа најави модна револуција: „Забранети се пижами и папучи крокс“
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Меѓународниот аеродром во Тампа, Флорида, предизвика бурни реакции на социјалните мрежи откако објави дека ги забранува пижамите и популарните крокс, порачувајќи им на патниците дека деновите на претерана лежерност се завршени. Патниците не смеат да се појавуваат на безбедносни проверки во бањарки, пижами или крокс.
Аеродромската управа соопшти дека се заситила од ваквото лудило и дека практиката на доаѓање во пижами престанува.
- Доста ни е. Време е да ги забраниме пижамите на меѓународниот аеродром Тампа. Пижами. НА АЕРОДРОМ. Сред бел ден - стоеше во нивната објава.
Забраната за пижами следуваше веднаш по посебната забрана за крокс, по што аеродромот се пофали дека станал првиот аеродром во светот без крокс-папучи.
- Откако успешно ги забранивме крокс-папучите, давајќи им на сите неверојатна можност да го искусат првиот светски аеродром без крокс, време е да се соочиме со уште поголема криза - наведува аеродромот во новото соопштение.
Поделени реакции меѓу патниците
Оваа „криза“, како што ја нарекоа, предизвика лавина коментари.
- Добро, ова е малку смешно ако е шега. Но ако е вистина, владина агенција да ни кажува што смееме, а што не смееме да носиме кога патуваме, дали е тоа злоупотреба на овластувањата? - напиша еден корисник на „Х“.
- Прво направете го патувањето со авион подносливо, па потоа барајте од луѓето да се откажат од удобноста - напиша друг.
Сепак, сè било само шега?
Иако многумина ја сфатија објавата сериозно, од аеродромот подоцна потврдија дека станува збор за шега. Патниците и натаму ќе можат да се качуваат на летови во крокс-папучи и пижами.
И покрај тоа што ова беше шеговита објава, не е необично авиокомпаниите да наметнуваат свој кодекс на облекување.
На пример, минатата година „Спирит ејрлајнс“ најави дека патници што се боси или несоодветно облечени може да бидат одбиени или отстранети од авионот. Нивните насоки наведуваат проѕирна облека, несоодветно покривање, откриени гради, задник или други интимни делови како неприфатлива облека.
Извор:
BIZlife.rs
Фото: Freepik