Ангела Василевска, претседателка на УСС-УКИМ: „Целта ми е студентскиот стандард реално да се подигне, а не само декларативно“

Ангела Василевска, претседателка на УСС-УКИМ: „Целта ми е студентскиот стандард реално да се подигне, а не само декларативно“

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Од сопствено искуство - од домови, факултети, административни постапки, до јавен превоз - сфатив дека најголемиот проблем не е недостигот на идеи, туку недостигот на организација, сплотеност меѓу студентите, транспарентност и квалитетна соработка со институциите, истакнува Ангела Василевска

Ангела Василевска е претседателка на Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Таа е студентка на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), трета година на насоката Примена на информациски технологии. Поразговаравме со Ангела за нејзините главни приоритети како претседателка на УСС, како и за нејзината визија за студентскиот стандард на УКИМ.

- Моите главни приоритети се подобрување на студентскиот стандард преку транспарентност, дигитализација, функционални студентски услуги и зајакнато застапување на студентите. Визијата ми е УКИМ да стане место каде што студентите ќе имаат достоинствено домување, фер финансирање, квалитетни студиски програми и институционална поддршка што реално функционира. УСС го гледам како организиран тим, а не бирократска структура - секоја комисија функционира како мала работна група, со ротација на лидерството и со јасни, мерливи резултати - споделува Ангела.



Иницијатива за дигитализирано распоредување на сместувањето на студентите

Она што најмногу ја мотивирало да застане на чело на УСС е фактот што студентите често се
се чувствуваат нечуени, а проблемите не се решаваат молчејќи.

- Од сопствено искуство - од домови, факултети, административни постапки, до јавен превоз - сфатив дека најголемиот проблем не е недостигот на идеи, туку недостигот на организација, сплотеност помеѓу студентите, транспарентност и квалитетна соработка со институциите. Работата што ја спроведував во студентските организации ме научи дека кога тимот функционира, резултатите се реални - вели Ангела.



На прашањето во кои области е потребна итна интервенција - домување, стипендии, јавен превоз, оброк, студиски програми, таа истакна дека на сите паралелно треба да се работи за нивно подобрување, но сепак најгорлив проблем смета дека е домувањето, односно сместувањето на студентите во студентските домови.

- Како претседател на Комисијата за дигитализација во претходниот мандат, во соработка со Комисијата за студентски стандард, почнавме иницијатива за дигитализирано распоредување на сместувањето на студентите. Целиме кон целосно реализирање во соработка со институциите во овој мандат. Нашата иницијатива за комплетно дигитализирано вселување на студентите во студентските домови не цели само кон модернизацијата со вклучување на дигитализацијата во процесот, туку и на фер и транспарентен пристап за сите, како и олеснување на потешкиот традиционален пристап како за студентите така и за студентските домови - вели Ангела.

Вклучување на приватниот сектор во студентската заедница

Кога станува збор за унапредување на студентската финансиска поддршка, покрај постојните државни стипендии, стратегијата на УСС е значително да го прошири опфатот на финансиска поддршка преку активно вклучување на приватниот сектор во студентската заедница.

- Нашата цел е да создадеме мрежа на компании, организации и фондации кои ќе понудат дополнителни стипендии, платени практики и флексибилни работни позиции што ќе можат да се усогласат со студентските обврски и распоредот на предавања. Во таа насока, еден од клучните приоритети е унапредувањето на платформата за студентско вработување „Линкер“, која досега функционираше преку Discord. Во рамките на таа иницијатива планираме да организираме хакатон, но за него ќе откриеме дополнителни информации подоцна. Планираме нејзина трансформација во целосно функционална веб-апликација, што значително ќе го олесни пристапот до работни понуди, пракси и проекти. Ваквата модернизација ќе ѝ даде на „Линкер“ централна улога во подобрувањето на финансиската поддршка за студентите, обезбедувајќи структурирано, транспарентно и достапно место каде што секој студент ќе може лесно да најде можност што одговара на неговите способности и потреби.
Со ова, целта е да се создаде одржлив и модерен систем на финансиска поддршка, кој не зависи исклучиво од државата, туку ги отвора вратите за нови извори на финансирање и професионален развој - истакнува Ангела.



Нејзината идеја за подобрување на јавниот превоз за студентите е да поднесат иницијатива студентската автобуска картичка да се дигитализира и интегрира во веќе постојната апликација на ЈСП. Со дигитално издавање и обновување на студентските картички ќе се елиминираат долгите редици, ќе се заштеди време и ќе се олесни работата на институциите.

- Веруваме дека овој чекор е неопходен, особено за студентите кои секојдневно патуваат и зависат од јавниот превоз - подвлекува таа.

Таа смета дека високото образование мора да биде финансиски достапно за сите студенти. Тоа не значи нереални ветувања, туку паметни и издржани реформи: намалување на административните и скриените трошоци, подобрување на квалитетот без непотребно зголемување на квотите и постепено воведување модел во кој студентите плаќаат само минимални административни давачки. Новиот финансиски модел од Манифестот е добра почетна точка, но мора да биде спроведен транспарентно и со активно вклучување на студентите.

Дигитализација, функционална соработка и подобрување на студентскиот стандард

Како претседателка на УСС-УКИМ, Ангела Василевска ги третира транспарентноста и вклученоста на студентите како основни принципи, а не како формални обврски - и тоа веќе активно го спроведува.

- Сите седници на УСС УКИМ се целосно јавни и редовно се објавуваат записниците за секој состанок за да може секој студент да го следи процесот. Во работните комисии постојано се вклучуваат студенти надвор од избраните претставници, затоа што сметаме дека квалитетни политики се градат само тогаш кога повеќе студенти имаат можност да дадат свој придонес. Покрај тоа, одржуваме постојани анкети и дигитални консултации за да ја слушнеме студентската перспектива пред да донесеме одлука, а не по ставен потпис. Нашата веб-платформа е транспарентна и содржи календар на активности, текови на преговорите и сите релевантни документи за тековната работа. Повикот за надворешни членови е постојано отворен за секој што сака да се вклучи во студентскиот активизам, да предложи иницијатива или да помогне во процесите, да има фер и отворена можност да го стори тоа.
Она што мора да го унапредиме е сплотеноста и довербата помеѓу самите студенти. Кога студентите настапуваат заедно, секогаш сме посилни и попаметни, и многу побрзо можеме да ги оствариме заедничките цели. Верувам дека комуникацијата е најважната алатка во секој процес – без разлика дали се работи за институциите, колегите или трети страни. Кога комуникацијата е јасна, чесна и навремена, сите иницијативи се полесно остварливи и секоја идеја може да стане реалност - посочува Ангела.



Целите на УСС ќе останат насочени кон вистинските потреби на студентите: дигитализација, функционална соработка и подобрување на студентскиот стандард.

- Верувам дека имаме потреба од дигиталните услуги, па затоа дигитализацијата на сите административни процеси – од студентски обврски до услуги во домовите – ќе продолжи да биде наш приоритет и во иднина. Паралелно со тоа, ќе работиме на уште посилна поврзаност меѓу студентите, студентските организации и приватниот сектор, затоа што само преку партнерства може да се создадат повеќе можности за пракси, обуки, стипендии и вработување. Целта е студентскиот стандард реално да се подигне, а не само декларативно.
Што се однесува до идејата за Национално студентско тело, тоа веќе е оформено минатата година и продолжува со работа и оваа.
Во однос на можните измени во Законот за високо образование – секогаш кога ќе има реална потреба, ние ќе ги отвориме прашањата што се најважни за студентите, со добро аргументирани предлози и широк консултативен процес - завршува Ангела.

Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.