Дали постои врска помеѓу креативноста и пиењето кафе?

Дали постои врска помеѓу креативноста и пиењето кафе?

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Повеќето луѓе го започнуваат денот со голема шолја кафе. Им се буди мозокот и се подготвени да се справат со неколку проекти: пишување ново поглавје од книга, испраќање електронска пошта, завршување административни задачи или што било за успешен почеток на денот.

Дали креативноста се подобрува со внесот на кофеин?

Што вели истражувањето?


Знаеме дека приготвувањето, мирисањето и пиењето кафе ја зголемуваат нашата ментална будност со блокирање на рецепторите на аденозин (природна хемикалија на телото која се зголемува во текот на денот, честопати доведувајќи до поспаност) во мозокот. Како резултат на тоа, кафето ја одржува концентрацијата, го подобрува времето на реакција и ја стимулира нашата работна меморија.

Иако е докажано дека го подобрува нашето расположение и го намалува менталниот замор, ефектот на кафето врз нашите креативни склоности е малку покомплициран.

Студија на Универзитетот во Арканзас вклучила 88 возрасни лица, од кои на некои им биле дадени 200 мг кофеин, а на други плацебо. Учесниците потоа биле случајно распределени во една од двете групи: едната фокусирана на конвергентно размислување и задачи за решавање проблеми, а другата на задачи за дивергентно размислување и генерирање идеи. Истражувачите забележале дека кофеинот ги подобрува конвергентните способности за решавање проблеми. Односно, учесниците биле во можност да решат повеќе задачи по внесот на кофеин отколку по плацебото. Спротивно на тоа, тие забележале дека кофеинот не влијаел значително врз дивергентното размислување, или способноста за создавање нови идеи или иновативни концепти.

Заклучиле дека кофеинот се чини оти помага во конвергентното решавање проблеми. Сепак, кофеинот имал мало или никакво влијание врз дивергентните, необичните или иновативните идеи. Накратко, тој влијае врз еден вид креативно размислување, но не и врз друг.


Иако се потребни дополнителни истражувања за да се потврди врската помеѓу креативноста и кафето, од моментално достапните податоци може да се заклучи:

-Пиењето кафе за зголемување или стимулирање на нашата дивергентна креативност - генерирање нови или оригинални идеи - можеби не е толку ефикасно како што се верува.
-Се чини дека кафето има позитивно влијание врз нашата желба да решаваме проблеми со конвергентно размислување преку организирање, избирање, заострување и подобрување на идеите. Кафето е помалку ефикасно во поттикнувањето оригинални идеи.
-Кафето е позитивно поврзано со подобро расположение и намалување на менталниот замор. Ова може да биде поврзано со повисоки нивоа на когнитивна флексибилност, со што индиректно се поддржува одредено ниво на креативно изразување.
-Докажано е дека кофеинот ја подобрува нашата работна меморија, времето на реакција и вниманието - сите неопходни елементи во процесот на размислување и интелектуалната продукција.
-Постојат докази дека премногу шолји кафе можат да ги засилат нашите нивоа на анксиозност, да ја намалат нашата когнитивна флексибилност и да го ограничат нашиот фокус на внимание - сите фактори поврзани со генерирањето иновативни идеи.

Извор: psychologytoday.com

Фото: Freepik