Не купувајте телефони со 128 ГБ меморија, 256 ГБ стана новиот минимум
„Епл“ официјално го претстави „ајфон 17e“ и го потврди она што се шпекулираше веќе некое време - 256 ГБ станува новата основна конфигурација за складирање податоци. Моделот со 128 ГБ практично е повлечен од понудата, што јасно покажува дека оваа количина простор повеќе не ги задоволува современите потреби.
Современите апликации зафаќаат сè повеќе простор. Игрите имаат посложена графика и поголеми датотеки секоја година, додека комуникациските апликации, како „Месенџер“, кешираат фотографии, гласовни пораки и видеосодржина локално за побрз приказ. Стриминг-услугите, како што се „Спотифај“ и „Јутјуб“, трошат дополнителен простор преку офлајн преземања и привремени податоци.
128 ГБ стануваат малку дури и без игри
Дури и без игри и големи датотеки, самиот оперативен систем зафаќа значаен дел од меморијата. „Епл“ наведува дека „иОС“ со системски функции и претходно инсталирани апликации зафаќа помеѓу 12 и 24 ГБ. Активирањето на функциите на „Епл интелеџенс“ бара дополнителни 7 ГБ за моделите со вештачка интелигенција. Ова значи дека уредот може да зафаќа над 30 ГБ меморија пред корисникот да зачува една фотографија или да инсталира дополнителни апликации. Под такви услови, 128 ГБ остава многу малку простор за долгорочна употреба, без постојано да се брише дел од содржината.

256 ГБ станува индустриски стандард
Трендот не е ограничен само на „Епл“. „Самсунг“ веќе ги елиминира варијантите од 128 ГБ на „галакси С26“ и „галакси A56“. Повеќето кинески брендови, исто така, почнуваат од 256 ГБ. Во моментов само серијата „гугл пиксел 10“ сè уште нуди 128 ГБ како основна опција.
Бидејќи функциите со вештачка интелигенција, напредните камери и 4K видеото стануваат стандард, количината на податоци генерирани од телефоните брзо расте. Затоа 256 ГБ повеќе не е луксузна конфигурација, туку рационален минимум за корисниците што планираат да го користат уредот во наредните неколку години.
Извор: benchmark.rs
Фото: Freepik