Земјата вибрира поинаку поради пандемијата и карантинот

Земјата вибрира поинаку поради пандемијата и карантинот

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Во текот на последниов месец, поради пандемијата на коронавирусот, сведоци сме на историски промени во секојдневниот начин на живот на многу Европејци. Голем број градови се во своевиден карантин, запрен е јавниот сообраќај, а работат само аптеките и продавниците за храна.

Но, никој не очекуваше поради карантинот, кој е воспоставен на повеќе континенти, да се промени и начинот на кој „вибрира“ нашата планета.

Научниците што ги проучуваат длабочинските движења и сигнали известија за пад на сеизмичкиот шум, односно вибрациите во кората на Земјата, што би можело да биде последица на прекинот на сообраќајните мрежи и другите активности на човекот.

Тома Лекок, сеизмолог од Кралската опсерваторија во Белгија, истакна дека ваков пад сеизмичката бучава обично се случува само накратко околу Божиќ. Имено, вибрациите што ги предизвикуваат возилата во движење и непрекинатата работа на индустриските погони предизвикуваат мали придвижувања на Земјината кора, исто како и природните настани, на пр., земјотреси. Иако ефектите на поединечните извори се мали, тие заедно создаваат посилна заднинска врева, поради што сеизмолозите потешко ги откриваат другите сигнали што се јавуваат во истата фреквенција.

Фото: Nature

Лекок објаснува како податоците од сеизмометарот на опсерваторијата покажуваат дека мерките за потиснување на ширењето на новиот коронавирус во Брисел предизвикале пад на сеизмичката бучава за околу една третина. Мерките што ги споменува се: затворање школи, ресторани и други јавни простори од 14 март и забрана за патувања од 18 март.

Поради привремениот пад на сеизмичкиот шум предизвикан од човечки активности, белгиската опсерваторија може да ги открие другите бранови во истата фреквенциска зона. Површинскиот сеизмометар сега е речиси еднакво чувствителен на ситни потреси и експлозии на каменоломи како и детекторот што се наоѓа на длабочина од 100 метри и може подобро и побрзо да ја утврди локацијата на новонастанатите потреси.

Белгиските сеизмолози не се единствените што забележале влијание на карантинот врз кората на нашата планета. Падот бил забележан и од страна на студенти по геофизика од Калифорнија, САД.

Извори: Index, Nature
Насловна фотографија: Unsplash