Над 20 земји во светот трошат повеќе на долгови отколку на образование, здравје и социјална заштита

Над 20 земји во светот трошат повеќе на долгови отколку на образование, здравје и социјална заштита

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Во 2019 година 25 земји, од кои повеќето сиромашни, потрошиле повеќе пари од буџетот на одржување или исплаќање долгови отколку на образование, здравје и социјална заштита вкупно, известуваат од Обединетите нации. 

Тоа се Јужен Судан, Хаити, Гамбија, Чад, Того, Шри Ланка, Етиопија, Зимбабве, Гана, Конго, Мавританија, Замбија, Гвајана, Нигер, Мадагаскар, Јордан, Кенија, Уганда, Бенин, Монголија, Непал, Ангола, Ел Салвадор, Бангладеш и Папуа Нова Гвинеја.

- Личните и јавни трошоци се огромни, оставајќи ги децата, нивните заедници и нивните земји со малку надеж за одржлив економски и социјален развој - изјавила извршната директорка на УНИЦЕФ, Хенриета Фор.

Потребни се глобални напори за заштитување на социјалното трошење, а со тоа и правото на социјална безбедност, образование и здравствени услуги, пишува во извештај за должничката криза предизвикана од Ковид-19.

Во извештајот се наведуваат земјите со голема сиромаштија и оние што имаат најмали придобивки од договорот за замрзнување на долговите постигнат од 20. најмоќни економии во светот минатата година. Во иницијативата учествувала приближно една од три земји што можеле да учествуваат, а им помогнала на 46 земји да најдат финансии за здравствена и социјална заштита. Сепак, недостигале финансии за образование, заштита на децата, исхрана, санитација и хигиенски услуги.



Пред пандемијата, најзадолжените земји трошеле барем три долари за отплаќање долг за секој долар што го платиле за основни социјални услуги, покажува извештајот.

Фор додала дека пандемијата предизвикала „глобална образовна катастрофа“ која мора да биде решена за Ковид-19 генерацијата да не стане изгубена генерација.

Во извештајот стои и дека глобалниот одговор на должничката криза е премал во споредба со целокупниот фискален одговор на пандемијата и не ги покрива долговите на комерцијалните финансиски институции. Потребна е нова архитектура за реструктурирање на долговите со која ќе се обезбеди поголема поддршка за најзадолжените земји, поголема транспарентност за долговите и координирана акција од страна на позајмувачите, според извештајот.

Извор: un.org
Фото: Pixabay