Научници успеале да „воскреснат“ мртви клетки

Научници успеале да „воскреснат“ мртви клетки

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Истражувачи од Институтот „Џ. Крег Вентер“ ги воскреснале „мртвите“ бактериски клетки преку замена на нивната нефункционална ДНК со функционален геном од друг вид.

Овој подвиг би можел да ги поттикне напорите за редизајнирање на микробниот живот со преместување на цели геноми во бактерии за да им се дадат корисни својства, како што се производство на лекови или биогорива.

Ваквите трансфери на геноми, вклучително и оној што довел до ваквите „зомби клетки“, досега се постигнати само помеѓу видови во рамките на една бактериска класа. Но, ако истражувачите можат рутински да создаваат вакви клетки од други бактерии, пристапот би можел да се користи за тестирање геноми од почесто проучувани видови, како што е лабораториската бактерија „ешерихија коли“.

- За мене, оваа работа претставува значаен чекор напред за инженерството на геноми во синтетичката биологија - истакнал Оливие Борковски, синтетички биолог во Националниот истражувачки институт за земјоделство, храна и животна средина (ИНРАЕ) во Франција.

Истражувачите ги уништиле клетките на „M. capricolum“, а потоа ги оживеале со вметнување синтетички геном од друг бактериски вид.

Истражувачите ги инактивирале геномите на клетките приматели, со што клетките станале неспособни за репликација - или функционално мртви. Ова спречува туѓа ДНК, како што се гените за отпорност, да биде вметната во геномите на примателите преку рекомбинација. Тимот ги создал овие „мртви“ клетки од „M. capricolum“, третирајќи ги со лек за хемотерапија што ја оштетува ДНК, наречен „митомицин Ц“.

Кога геномите на „M. mycoides“ биле пренесени во клетки од „M. capricolum“ третирани со „митомицин Ц“, мал дел од клетките приматели преживеале.

- Клетката е осудена на пропаст, но ние ѝ даваме живот - истакнала Зумра Пексаглам Зајдел, синтетички биолог во институтот.

Таа и нејзините колеги ги нарекуваат овие преживеани клетки - „зомби клетки“.

Извор: vidi.hr

Фото: Freepik