Едни средношколци ја бојкотираат наставата, а други не. Дали отсуствата се неоправдани, ќе решаваат класните раководители

Едни средношколци ја бојкотираат наставата, а други не. Дали отсуствата се неоправдани, ќе решаваат класните раководители

Подготвил: А.П.

Надлежните од Министерството за образование и наука уште минатата недела повикаа на разумност зашто, како што рекоа, бојкотот не е во прилог на образованието на учениците


И денеска продолжува бојкотот на наставата во некои училишта, каде што изолирани групи на ученици и нивни родители се против најавената дигитализација во основното образование. Освен во училиштата за средно образование, повици за учениците да не се вклучуваат на онлајн-часовите има и во групата на Фејсбук - „Учебници и настава мора да има“, па така, поединечни отсуства се забележани и во основното образование.

– Во средното стручно училиште „Владо Тасевски“ делумен број ученици се отсутни. Не може да се каже дека учениците ја бојкотираат наставата целосно, бидејќи има и тековни отсуства од различни причини. Оправдувањето или неоправдувањето на изостаноците го регулираат раководителите на паралелките на класните часови со соодветна документација и поткрепа за отсуството - вели Александар Сибиновски, директор на училиштето.

Во гимназиите сликата е малку поразлична. Митко Димовски, директор на скопската гимназија „Орце Николов“, вели дека сите ученици се на настава.

- Од овие бојкотирања се оградија и од Средношколската унија, така што апсолутно е беспредметно да се бојкотираат часовите во средното образование бидејќи средношколците не се опфатени со најавените новини и законски измени. Од друга страна, дигитализацијата постои и сега, учениците прават и презентации во различни програми, а и самата онлајн-настава сега налага поинакво учење. Ние сме цело време дигитализирани - вели Димовски.

Министерството за образование и наука уште минатата недела повика на разумност зашто бојкотот не е во прилог на нивното образование. Како што рекоа, пропуштените часови во време на вонредни околности и во услови на пандемија значи пропуштено знаење, кое тешко се надоместува.

Организаторите најавија протест ако надлежните не ги чујат нивните барања. Тие сакаат да се стопира постапката за носење на законот кој предвидува дигитализација, бараат да се организира јавна дебата и бараат ревизија на законот.

Инаку, материјалите за учење од прво до трето одделение од септември учениците ќе ги добијат во печатена форма, а учениците од четврто до деветто одделение ќе имаат на располагање материјали за учење во електронска форма. Наставните материјали од четврто до деветто одделение, согласно новата концепција, ќе бидат електронски, со тенденција полека да стануваат интерактивни учебници. Тоа значи дека покрај содржините во форма на теми, лекции, ќе нудат, на пример, и тестови во електронска форма за проверка на знаењето.