Научниците открија „скриено богатство“ кое избива од внатрешноста на Земјата
Неверојатно откритие на дното на Арктичкиот Океан ги воодушеви научниците и отвори нови прашања за минатото на Земјата.
Истражувачите пронајдоа подводен вулкан кој исфрла метан и кал, а глетката што ја затекнаа ја опишаа како вистинско „скриено богатство“. Арктичките истражувачи дојдоа до ова откритие во Баренцовото Море, околу 113 километри јужно од оддалечениот Мечкин Остров во Норвешка. Во текот на истражувањето на морското дно забележаа огромен кратер за кој се претпоставува дека настанал пред приближно 18.000 години, на крајот од последната ледена доба, пишува Инди100.
Во кратерот се наоѓа вулкан, на околу 400 метри длабочина, кој исфрла кал и метан од длабоките слоеви на Земјината кора. Научниците истакнуваат дека ваквите откритија нудат редок увид во процесите што се одвиваат длабоко под површината на нашата планета.
- Истражувањето на морското дно и откривањето нови извори на метан е како пронаоѓање скриено богатство - изјави Стефан Буенц од Арктичкиот универзитет Уит во Норвешка.
Не е прв таков феномен
Ова не е прв таков феномен во норвешките води, но е исклучително редок. Единствениот претходно познат каллив вулкан, Хокон Мозби, е откриен во 1995 година на значително поголема длабочина, околу 1.250 метри јужно од Свалбард. Калливите вулкани како овој се еден вид прозорци во внатрешноста на Земјата бидејќи исфрлаат седименти и течности од длабочини кои можат да достигнат неколку километри под површината. Токму поради тоа, нудат вредни информации за геолошкото минато, но и за процесите што ја обликувале нашата планета.
Професорката Џулијана Паниери, водич на експедицијата, истакна дека проучувањето на овие појави им помага на научниците да разберат како метанот влијае врз глобалните процеси.
- Да се види подводна ерупција во реално време ме потсетува колку е жива нашата планета - порача таа. Новото откритие е наречено Borealis Mud Volcano, а научниците веруваат дека настанал како последица на силна природна ерупција која ослободила големи количини метан набрзо по завршувањето на ледената доба. Кратерот во кој се наоѓа има дијаметар од околу 300 метри и длабочина од 25 метри.
Богат и разновиден свет
Она што го прави ова место уште попосебно е богатиот и разновиден морски свет што се развил на неговите стрмни падини. На тоа подрачје живеат морски анемони, сунѓери, морски ѕвезди, корали, морски пајаци и ракови, со многу бактериски заедници и вегетација која успева во специфични услови.
Ова откритие уште еднаш потврдува колку е неистражено длабокото море и колку тајни крие. Научниците се уверени дека ова е само почеток на новите сознанија кои би можеле да го променат нашето сфаќање за планетата на која живееме.
Фото: принтскрин/јутјуб