Радослав Стојчевски, помлад професор по медицина и истражувач во Њујорк: „Границата меѓу училницата и лабораторијата е речиси невидлива“
Радослав Стојчевски од Дојран е поранешен студент на Институтот за биологија при ПМФ, а од 2023 година е помлад професор по медицина (Assistant Professor) на Медицинскиот факултет „Доналд и Барбара Цукер“ при Универзитетот „Хофстра“ во Њујорк.
Паралелно со својата академска активност, тој работи како помлад истражувач (Assistant Investigator) во Институтот за молекуларна медицина при Фајнштајн институтите за медицински истражувања (Feinstein Institutes for Medical Research), каде што е фокусиран на напредни истражувања во областа на биомедицината.
Во разговор за Факултети.мк, Стојчевски сподели дека афинитетот кон природните науки го имал отсекогаш, но конкретно желбата за наука му се родила во средношколските денови.
- Конкретно желбата за наука се роди во средношколските денови во Богданци, каде што имав прекрасни професори кои успееја да ми ја пренесат таа љубов. Интересот за наука понатаму природно ме одведе на ПМФ, на Институтот за биологија, каде што се стекнав со силна теоретска основа, критичко размислување и дисциплина кои се клучни во истражувачката работа. ПМФ има врвни професори кои знаат да го пренесат знаењето. Со дел од нив во моментов активно соработувам и разменувам идеи и информации од светот на науката - сподели Стојчевски.
Неговата научноистражувачка работа е фокусирана на канцер-биологијата, дијабетесот и репродуктивната биологија.
- Истражувам ефекти на повеќе куркумински аналози врз дијабетесот и карциномот на дојка; дијабетес-индуцирано васкуларно ремоделирање, со посебен акцент на улогата на јонските канали и васкуларната електрофизиологија; улогата на хормонот ирисин во репродукцијата - вели Стојчевски.
За неговите научни достигнувања зборуваат неговите 18 научни труда објавени во меѓународни списанија со висок импакт фактор, како и три поглавја во книгите од серијата “Contemporary Endocrinology” од издавачот „Springer Nature“. Google Scholar link за пристап до сите публикации: (
https://scholar.google.com/citations?user=jrycAJYAAAAJ&hl=en).
Професорот Радослав вели дека Медицинскиот факултет „Доналд и Барбара Цукер“ при Универзитетот „Хофстра“, како и Институтот за молекуларна медицина при Фајнштајн институтите за медицинско истражување, каде што поседува академски ранг, се лидери во биомедицината и располагаат со најсовремена инфраструктура за наука.
-Дополнително, од огромно значење се и можностите за постојана и активна соработка со врвни колеги од сите институти во рамките на овој систем. Границата меѓу училницата и лабораторијата за мене е речиси невидлива. Мојата училница е, всушност, самата лабораторија, каде што ги воведувам студентите во светот на истражувањето. Таму не сум само професор, туку и нивен ментор – ги водам низ практичниот процес додека паралелно работам на моите истражувања. Токму тој спој на едукација и активна наука е местото каде што најприродно се чувствувам свој - потенцира македонскиот професор и истражувач.
Американскиот систем е дизајниран да лоцира таленти и да им даде ветер во грб, вели Стојчевски и наведе кои се разликите помеѓу нашето академско образование и тоа во САД.
-Американскиот систем е дизајниран да лоцира таленти и да им даде ветар во грб. Нашето образование во Македонија дава силна теоретска база, но во САД акцентот е на практичната примена. Ние не заостануваме со интелектот, туку со инвестициите во технологија и истражувачки грантови - вели тој.
Професорот Стојчевски смета дека науката не познава граници и затоа не го доживува својот ангажман во САД како прекин на врската со Македонија.
-Мојата филозофија е дека еден истражувач треба да биде таму каде што може да стекне најголемо искуство и да има најголем придонес во својата област. Денешниот свет е дигитално поврзан, па мојот ангажман во САД не значи прекин на врската со Македонија. Напротив, сметам дека најмногу можам да вратам токму преку мојот меѓународен успех и преку градење конкретни мостови за соработка. Токму во таа насока е и официјалната соработка што ја потпишавме помеѓу мојот институт овде и ПМФ, со цел трасирање на патот за идна размена на студенти и заеднички проекти, овозможувајќи знаењата и искуствата да бидат двонасочни - откри Стојчевски.
Во моментов Радослав е фокусиран на финализирање на своите докторски студии, за кои интензивно истражува во областа на дијабетесот и васкуларната физиологија.
-Ова вклучува постојана работа во лабораторија, анализа на податоци и пишување нови научни трудови кои се надевам дека ќе придонесат за подобро разбирање на овие комплексни состојби. Паралелно со истражувањата, од неодамна се трудам да ја приближам науката и до пошироката јавност. Сметам дека науката не треба да остане затворена само во академските кругови, па преку моите профили на
Инстаграм и
Тик-ток (@thelabczar), на подостапен начин го прикажувам секојдневието во лабораторијата и реалниот пат на еден докторанд. Сакам да покажам дека науката не е секогаш едноставна и праволиниска, туку вклучува и секојдневна борба со предизвици. Целта ми е да ги инспирирам младите прикажувајќи ја целата слика – и трудот и упорноста, но и убавината на моментите кога доаѓаме до нови откритија - сподели нашиот научник.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.