Прекрасен град во Норвешка опкружен со глечери има 500 пати повеќе книги од жители

Прекрасен град во Норвешка опкружен со глечери има 500 пати повеќе книги од жители

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Полици со книги на пристаништето покрај реката, книги на автобуската постојка, кафулиња посветени на читањето, литературни фестивали во природа.

Сонот на секој љубител на книги е во Норвешка, во малото гратче Фјерланд, опкружено со драматични глечери и планини. Во ова гратче, кое има само 300 жители, се наоѓа првиот норвешки град на книгите, отворен во 1995 година, кој денес содржи околу 150.000 наслови достапни на секој чекор.


Центарот на Фјерланд е Мундал. Ако сите книги што ги содржи Мундал се стават една до друга, би се протегале на четири километри. Повеќето од нив се употребени, насловите се на норвешки, англиски и на германски. Самата прошетка низ оваа книжевна империја е уникатно искуство. Книгите можат да се најдат буквално насекаде.


Во градот може да се најде голема продавница изградена специјално за чување книги, а на улицата е поставена и мала надворешна полица „Sjølvplukk“, што во превод значи „избери сам“. Исто така, оваа продавница се нарекува и најчесната книжарница на светот бидејќи нема касиерка, но се верува дека секој минувач ќе остави соодветна сума во кутијата за книгата што ќе ја избере. Норвешкиот град на книгата во Фјерланд е отворен од мај до септември, кога се одржуваат тури и литературни фестивали.

Градот на книгите е збир од над десет антикварници, книжарници и библиотеки, сместени во стари, традиционални норвешки згради. Книжарниците и антикварниците нудат широк спектар на книги, вклучувајќи и некои ретки наслови, како и локални книги за историјата, културата и природата на Норвешка. Посетителите можат да го истражуваат овој уникатен простор, да читаат книга во мирна средина или едноставно да уживаат во прекрасната глетка што го опкружува селото.

Извор: Putnikofer.hr
Фото: Instagram