Грците воведуваат посебен превоз до островите - се пристигнува за неколку минути

Грците воведуваат посебен превоз до островите - се пристигнува за неколку минути

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Грција го доби првиот хеликоптерски превозник кој ќе ве однесе до островите за само 160 евра. Ќе може да се лета до 11 дестинации.

„Хопер“ е првиот ваков превозник во Грција кој нуди редовни летови до 11 дестинации, вклучително и до потешко достапни места како Антипарос, Фолегандрос, Иос, Кеа, Патмос, Сифнос и Спетсес. Сите летови се поврзани со Атина, Санторини или Миконос, кои се центри на превозникот.

Цените започнуваат од 160 евра за билет во еден правец, но често се повисоки поради побарувачката. На пример, на веб-страницата на хеликоптерскиот превозник, цената за августовскиот лет од Атина до островот Тинос, кој трае 42 минути, моментално е 380 евра. Еднодневното патување со траект од Атина може да трае приближно четири часа и чини 35 евра.

Летовите на „Хопер“ се дури седум пати поевтини од чартер-летовите

Бидејќи само неколку грчки острови имаат пристап до меѓународен аеродром, фериботите се од суштинско значење за да пристапите до островите. Повеќето патници се качуваат на главното пристаниште во Атина - Пиреја. Главната предност на транспортот со хеликоптери е многу пократкото време на патување - најбрзиот траект од Атина до Санторини трае повеќе од четири часа, додека лет со хеликоптер трае само еден час.

- Ги претвораме часовите во минути. На тој начин патниците можат да добијат цел ден плус - истакнал Демитрис Мемос, извршен директор на „Хопер“.

Некои луксузни хотели веќе нудат им трансфер со хеликоптер на своите гости со доплата. Патниците што имаат помалку време, исто така, отсекогаш имале можност да резервираат хеликоптери преку приватни чартери.

Според пресметките на „Блумберг“, приватен чартер од Атина до Миконос во шпицот на сезоната може да чини 2.775 евра по седиште. За четиричлено семејство кое лета со „Хопер“, цената е приближно 1.490 евра во слично време на врвна побарувачка, што е значително подостапно.

Уникатен чекор за грчкиот туризам

Грчката министерка за туризам Олга Кефалогјани ја опишува услугата како уникатен чекор за грчкиот туризам. Сепак, ферибот е попогодна опција во некои случаи. На пример, „Хопер“ лета од Атина за Миконос само три пати неделно во август, додека во екот на сезоната обично има четири фериботи дневно од Атина.

Летовите на „Хопер“ поаѓаат од Коропи, што е на десет минути возење од меѓународниот аеродром во Атина и затоа е попогодно од пристаништето за траект, кое е на околу 50 минути од аеродромот. Флотата се состои од пет хеликоптери „робинсон Р44 и Р66“, секој со три или четири патнички седишта и кокпит со панорамски прозорци, кои овозможуваат поглед на Средоземното Море.

Трансферот со хеликоптери до островите доаѓа во време кога Грција доживува голем туристички бум. Според грчките власти, 2023 година била рекордна со речиси 33 милиони посетители. Оваа година би можела да го надмине тој рекорд. Туризмот опфаќа 18 отсто од бруто-домашниот производ на Грција, според „Блумберг“.

Извор: forbes.n1info.hr

Фото: Freepik