Откриена причината за колапсот на Мајанската цивилизација

Откриена причината за колапсот на Мајанската цивилизација

Подготвил: Билјана Арсовска

Ново истражување покажува дека Мајанската цивилизација во последните векови од своето постоење искусила тешки суши. Истражувањето нуди нови објаснувања зошто оваа цивилизација доживеала колапс толку неочекувано.

Маите биле група луѓе кои живееле на полуостровот Јукатан. Тие се познати по тоа што биле една од најнапредните цивилизации за своето време со сложени системи за пишување и тоа што биле фокусирани на уметноста, науката и религијата. Покрај неколкувековниот развој, многу градови во кои живееле Маите брзо биле напуштени во околу 900 година.

Теориите за исчезнувањето варираат од дефорестација, преголема населеност па сѐ до екстремна суша. За новото истражување, објавено во „Science“, е искористен седимент од езеро за да се демонстрира дека екстремната суша веројатно придонела многу за колапсот на оваа цивилизација.

Научниците искористиле примероци седимент од езерото Чичанканаб, Мексико, за да утврдат дека во период од 100 години, годишните врнежи во регионот каде живееле Маите се намаплиле за 50 до 70 отсто во годините на екстремна суша. Истражувањето е многу важно затоа што покажува колку климатските промени можат да му наштетат на човекот.

Слоевите на седимент под езерото биле внимателно анализирани за да се изгради модел на климатските услови во областа, вклучувајќи податоци како температурата и врнежите.

Фото: Wikipedia

За време на екстремна суша, се формирале кристали гипс и ја инкорпорирале постоечката вода од езерото директно во нивната структура. Овие „водени фосили“ овозможиле научниците да ги анализираат својствата на езерската вода во различни временски периоди. Таканаречените водени фосили од езерото посочуваат колку долги и интензивни биле периодите на суша. Покрај тоа што сега се знае повеќе за климатските услови во тој период, сѐ уште не е јасно точно зошто се случиле сушите.

Од една страна, екстремните суши се совпаѓаат со затоплување на целата планета, познато како Средовековен топол период. Други сугерираат, пак, дека сушата е поврзана со докази за дефорестација во областа. Масовното отстранување на дрвјата ја намалува влажноста во воздухот и ја дестабилизира почвата, придонесувајќи за услови за суша.