Владите се менуваат, проблемите во високото образование остануваат! Ова се петте најважни задачи за новиот министер

Владите се менуваат, проблемите во високото образование остануваат! Ова се петте најважни задачи за новиот министер

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Со промената на секоја власт, Македонија обично добива нов министер за образование и наука. Понекогаш, се менувале и по неколку во тек на еден мандат. Додека сме во исчекување на формирањето на новата Влада и новата личност која ќе застане на чело на еден од најважните сектори-образованието, ја прашавме проф. д-р Елена Думова-Јованоска од Градежниот факултет на УКИМ, која беше и проректор за настава (2008-2012), да ни ги каже најважните прашања на кои треба да се посвети новиот министер, а го засегаат високото образование.

Таа вели дека дека е очекувано интересот на новата власт, но и на целокупната јавност да е свртена кон неопходните реформи во правосудниот систем како и системот за безбедност без кои неможе да се зборува за функционирање на демократски општествен систем. Сепак секој, зависно во кој дел од општествените сфери гравитира, неизбежно има очекувања за промени на подобро и во тие сфери.



Проф. д-р Елена Думова- Јованоска

- Образованието, со акцент на високото образование е една од тие сфери. Во академските кругови тлее надежта дека високото образование во пакет со свoето друго лице, истражувачката дејност, наскоро ќе го најде заслуженото место на реформската агенда. Од тука значајно е да се дефинираат неколку суштински ставови околу кои потребно е да се изгради консензус за надминување на актуелните слабости – вели Думова – Јованоска. Според неа, ова се проблемите кои најитно треба да се решат:

Финансирањето

- Неопходно е, до суровост отворено, да се проговори за начинот на финансирање на високообразовните институции во Македонија и тоа и јавните и приватните. Изминатата деценија оваа тема беше често (зло)употребувана за оцрнување, па дури и сатанизирање на професорската професија. Токму во начинот на финансирањето на високото образование и научната дејсност лежи суштинската разлика од другите нивоа на образование. Имено, додека основното и средно образование се во целост обврска на државата, во буџетите на универзитетите уделот на државата е под 50%. Кај поедини факултети тоа учество не е повисоко од 30% од вкупниот буџет. Остатокот во најголем дел доаѓа од школарините на студентите (партиципација/кофинансирање), а делумно од примена на знаењето во реалниот сектор како и меѓународните проекти. Ваквата структура на буџетот (повеќе од 50% обезбедуваат сами) носи две сериозни слабости во работењето на универзитетите. Првата произлегува од фактот што се принудени да ги практикуваат истите правила на финансиско работење (трезорско) како и институциите кои се целосно финансирани од националниот буџет. Тоа во досегашната практика му носеше многу главоболки на раководниот кадар на факултетите и универзитетите, оневозможувајќи стабилно планирање на активностите.


Колку и какви јавни универзитети и научноистражувачки институти ни се потребни

- Втората слабост сепак е значително посериозна. Имено, во ситуација кога поголемиот дел од средствата ги обезбедуваат од школарини, универзитетите станаа премногу зависни од бројот на студенти. Тоа во општествена клима на нарушени вредносни, морални и етички норми директно води кон опаѓање на квантитетот и квалитетот на знаењето кое го поседуваат кандидатите кои се стекнуваат со дипломи од сите нивоа на високото образование. Ова е непријатната вистина која мора отворено да се прифати за да може да се бара решение за нејзино надминување. Без одржливо решение на ова прашање сите други мерки се осудени на науспех. Во ситуација кога коренот е болен мерките кои ги третираат лисјата и цветовите нема многу да му помогнат на плодот.
Од одговорот на прашањето колкав буџет Република Македонија може да одвои за високото образование и научната дејност произлегува бројот на јавни универзитети и истражувачки институти, но и условите кои треба да им се обезбедат на приватните институции од оваа сфера. Тесно поврзано со ова прашање е и дилемата околу типовите на универзитети. Традиционалните универзитети ги отварале своите врати само за најдобрите (до 20% од генерацијата матуранти) и поголем дел од времето го посветувале на истражувањето. Денес кога многу поголем број на млади имаат потреба од попродлабочени знаење од оние стекнати во средното образование универзитетите се принудени да го зголемат образовниот дел во своите активности. Соочени со променетата улога на универзитетите во одредени земји постојат решенија според кои универзитетите се делат на истражувачки и образовни, а со тоа и моделот на нивно финансирање. Со оглед на фактот дека и нашата земја не ја избегна појавата на масовизација на високото образование и ова прашање заслужува решение пред да се пристапи на следните чекори.

Статусот на академскиот кадар

- Одливот на млади квалитетни кадри не е проблем само на високото образование, но актуелните законски решенија според кои академскиот кадар има третман на јавна администрација со сите ограничувања во поглед на креирањето на кадровската политика на универзитетите го прави овој проблем скоро нерешив. Актуелната состојба со наставниот и уште повеќе истражувачкиот кадар на јавните универзитети тоа јасно го покажува. Јасен став по ова прашање е услов без кој развојот на академската сфера е невозможен.




Грижа за студентите

Третманот на студентите е во фокусот на секоја влада, но за жал реалните состојби не го отсликуваат тој интерес во активности и иницијативи. Неопходно е сериозно подобрување на условите за студирање и студентскиот стандард. Тоа вклучува повеќе аспекти, почнувајќи од инфраструктурата на јавните универзитети/факултети (училници, читални, простори за учење и дружење во текот на наставата), студентските домови, услови за спортување и културни активности. Со оглед на фактот дека оваа инфрастуктура е запоставена со децении неопходно е да се направи издржана стратегија која неможе да биде реализирана само во мандат на една Влада. Ваквите зафати бараат и сериозни финансиски средства, но убедена сум дека токму за ваква програма може да се искористат предпристапните фондови на Европската Унија. Искрено сум импресионирана од иницијативата на универзитетските собранија на студентите на јавните универзитети за подготовка на „Декларација за младите образованието и иднината“ и соочување со партиите пред изборите. Несомнено позитивен исчекор во студентскиот активизам, да се надеваме дека новиот министер за образование и наука искрено ќе се посвети на соработка со студентските здруженија. Лично сметам дека и политиките за стипендирањето на студентите заслужуваат сериозна ревизија. Убедена сум дека најдобрите 5% од студентите на сите три циклуси од високото образование треба да добиваат целосна стипендија која би ги покривала и трошоците за школарина и за живеење, со цел да најдобрите да имаат соодветни услови за студирање независно од социјалниот статус.

Системот за обезбедување квалитет во високото образование


- Системот за обезбедување на квалитет во високото образование е на крај на оваа листа на приоритети, само затоа што во најкраток рок може да се постави на вистински колосек. Концептот на обезбедување на квалитет каков имаме во актуелното законско решение е „увезен“ од Европа и е една значајна линија на Болоњскиот процес. Постоење на Одбор за акредитација и Агенција за евалуација е решение прифатено во земјите на Европската Унија. Она што можеше подобро да се направи е подготовката на кадрите кои делуваат во тоа тело. Досегашната работа на одборот во целиот период на неговото постоење упатува на заклучокот дека тие немале потребно меѓународно искуство ниту тренинг па затоа во најголем дел од практиките не се одразува духот на самоевалуација и надворешна евалуација од колеги (peer review). Тоа е стапица во која паднале голем број на слични институции во регионот но и пошироко, во земјите во транзиција, па самоевалуцијата се претворила во себе промоција а „peer review“ во инспекција. Неуспехот од досегашното работење на овој орган доведе до апсурдни решенија за контрола на квалитет од типот на државен испит на сите студиски програми во високото образование кои оправдано го предизвикаа масовниот гнев на студентите. Сепак и актуелното законско решение може да даде солидни резултати доколку се посвети соодветно внимание на обука на членовите во ова тело како и вклучување на колеги од европсите универзитети со долгогодишно искуство. Европската Асоцијација на Универзитети (ЕUА) ќе биде повеќе од подготвена на помогне во тоа.
Впечаток е дека од осамостојувањето па сѐ до денес во нашата земја немало министер за образование и наука кој го убедил премиерот, образованието да го третира како инвестиција, а не како буџетски трошок. Или немало премиер кој сакал да прифати образованието, особено високото и научната дејност, во владата да имаат третман еднаков на финансиските и економските ресори. Да веруваме дека сега е вистинско време тоа да се промени.