Експерти откриваат кога е најдобро време да се направи систематски преглед
Кога последен пат направивте систематски преглед? Не затоа што нешто ве боли, туку едноставно за да проверите дали навистина сè е во ред?
Повеќето луѓе не го занемаруваат здравјето затоа што не им е важно, прегледот често се одложува бидејќи секогаш постои нешто поитно - работа, семејство, рокови, патувања и секојдневни обврски. Додека се чувствуваме добро, лесно се убедуваме дека прегледот може да почека уште неколку месеци. Проблемот е што голем број патолошки состојби не се карактеризираат со болка, ниту со некои други јасни симптоми.
Покачениот крвен притисок, покачените масти во крвта, шеќерната болест, метаболичките нарушувања, промените во работата на штитна жлезда и другите ризик-фактори за кардиоваскуларни болести се развиваат постепено, додека лицето и понатаму нормално работи, вежба, излегува и го извршува сето она што го планирало.
Често се откриваат случајно, дури при превентивен или систематски преглед.
„Се чувствувам добро“ не е исто што и „здрав сум“
Уморот често го припишуваме на стресот, главоболката на недостигот на сон, промените во телесната тежина на годините или на исхраната, а повременото лупање на срцето на кафето и на тешкиот ден. Понекогаш тоа навистина е така. Но, понекогаш зад навидум безопасните симптоми се кријат промени што би требало да се следат или дополнително да се испитаат.
Покачениот притисок и холестеролот обично не даваат јасни симптоми. Симптомите на дијабетес тип 2 можат да се развиваат со години и долго да останат незабележани. Промените поврзани со метаболизмот и со работата на штитната жлезда, исто така, можат да се преклопуваат со она што многумина го сметаат за вообичаена последица на уморот, стресот или на забрзаниот начин на живот.
Токму затоа, најголемата вредност на систематскиот преглед не е само во потврдата дека сè е во ред, туку во можноста навреме да се забележи она што сè уште не е видливо. Раното препознавање на отстапувањата во дијагностичките наоди им дава простор на лекарот и на пациентот за понатамошни испитувања, следење или промени во животните навики пред проблемот да стане посериозен.
Зошто го одложуваме систематскиот преглед за подоцна?
Причините се многу разбирливи — на некои им недостига време, некои се плашат од резултатите, а многумина се убедени дека се здрави бидејќи немаат тегоби. Многумина си велат - ќе направам преглед кога ќе заврши овој проект, по годишниот одмор, кога децата ќе тргнат на училиште или кога распоредот малку ќе се смири.
Но, распоредот ретко се смирува сам од себе. Нови задачи доаѓаат, месеците минуваат, а одлуката што би требало да биде едноставна форма на грижа за себе повторно паѓа на дното на списокот. Превентивниот преглед не значи дека очекувате лоши вести. Тоа значи дека не сакате сопственото здравје да го препуштите на претпоставки.
Систематски преглед приспособен на возраста, навиките и на потребите
Систематскиот преглед опфаќа повеќе испитувања со цел да се добие појасна слика за здравствената состојба. Во зависност од избраниот пакет, тој може да вклучува комбинација од клинички преглед, лабораториска анализа, ЕКГ, ултразвучни и други дијагностички процедури, како и специјалистички прегледи.
Летото е вистински момент за она што го одложувате цела година
Во лето кај многумина ритамот барем накратко се забавува. Има помалку состаноци, дел од обврските мируваат, а распоредот станува малку пофлексибилен. Токму затоа, овој период може да биде добра можност за преглед кој со месеци се преместувал од еден на друг список со обврски.
Превенцијата можеби не е највозбудливиот летен план, но таа е една од најважните инвестиции во идните денови, патувања и сè она што допрва сакате да го остварите.
Неколку часа посветени на здравјето можат да донесат мир, појасни насоки или навремено предупредување дека на нешто треба да му се посвети повеќе внимание.
Бидејќи „се чувствувам добро“ може да биде одлична вест. Но, уште подобро е кога тоа ќе го потврдат и наодите.
Фото: magnific