Европско образование од дома - Што им нуди УКЛО на новите генерации студенти?
Со објавувањето на конкурсите за упис на нови студенти за академската 2026/2027 година, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола ја започна новата уписна кампања и ширум ги отвори вратите за идните академски граѓани. Во период кога матурантите ја носат една од најважните животни одлуки – изборот на универзитет и професионален пат – сè поголемо значење имаат квалитетот на наставата, практичната настава, меѓународните можности и перспективите што ги нуди високообразовната институција.
Како регионален универзитет со современи студиски програми, активна меѓународна соработка и членство во европската универзитетска алијанса КОЛОРС, УКЛО нуди можности кои ги надминуваат границите на традиционалното студирање. Што ги очекува идните студенти, кои се предностите од студирањето на УКЛО и зошто овој универзитет претставува избор со европска перспектива, разговараме со проректорот за настава, проф. д-р Цветко Андреески.
Што би им порачале на матурантите кои се наоѓаат пред една од најважните животни одлуки – изборот на универзитет и студиска програма?
На матурантите би им порачал нешто едноставно, но суштинско: изборот на Универзитет не е избор на целата ваша иднина – туку избор на првиот чекор. И токму затоа вреди да го направите внимателно, но без страв. Треба да изберат самите она што нив ги интересира и возбудува како идна професија. Студиите се многу полесни, попродуктивни и попријатни кога секој ден учиш нешто што навистина те интересира. При избор на перспективи, матурантите да ја не гледаат само тековната состојба со одредена струка, ниту надоместоците што следат со неа, туку да се распрашаат и за трендовите и за разновидност на можностите. Колку одредена струка дава поголема разновидност на можностите, толку подобро за иднината на кариерата на сегашните студенти. При избор на студиската програма, студентите често избираат и локација на студиите и другите можности што им ги нуди факултетот и универзитетот. Секое време е време на предизвици. Добар дел од студентите размислуваат и за студирање во странство или во други градови. Ако тоа е она што навистина го сакаат, тогаш изборот е соодветен. На оваа генерација студенти јас би им дал еден предизвик. Да изберат студиска програма на факултет во нашата држава, да го дадат најдоброто од себе за да се стекнат со најдобрите знаења и вештини. Да ги искористат сите можности кои им ги нуди високото образование: мобилност, практична и клиничка настава, учество во работата на универзитетските алијанси. Преку тие можности ќе можат да ги согледаат разликите во наставата и работата со студенти на домашниот универзитет и странските универзитети во кои ја искористиле можноста да завршат дел од нивните студии. Преку процесот на самоевалуација, нивните искуства и забелешки ќе може да ги пренесат и во нивниот универзитет кој ќе може да ги менува состојбите со цел да се приближи на квалитетот на европските универзитети. На тој начин најдобро ќе си помогнат себе си, на универзитетот и на државата. Квалитетните студии и студенти и требаат на секоја држава. Македонија не е исклучок од тоа.
Што денес го издвојува УКЛО како современ универзитет и кои можности ги очекуваат идните студенти – од квалитетна настава и практична работа до студентски живот и кариерен развој?
УКЛО е регионален универзитет кој има свои единици во шест градови во државата. Има кадар кој е стручен и посветен на студентите и високото образование. Тоа го потврдува и рангирањето на УКЛО во најдобрите четири универзитети во државата според рангирањето на QS. УКЛО е првиот универзитет кој стана член на универзитетска алијанса. Тоа е алијансата
КОЛОРС. Програмите за мобилност и учеството во европска алијанса им овозможува на нашите студенти да реализираат дел од наставата на универзитети во Европската Унија. Покрај наставата, алијансата КОЛОРС им нуди на студентите учество во други активности како: теренски студии, летни школи, менторирање на студенти од ментори од странство, краток престој на наши студенти на други универзитети или онлајн следење на предавања. Универзитетот поседува и КРЕДО центар кој нуди широки можности за учење, соработка и поддршка за време и по завршување на студиите. Студентите имаат своја организација, свој правобранител кој ги застапува интересите на студентите. Тие имаат и свој простор – Студентски информативен центар, кој го користат за разни активности. Овој центар е простор за учење, рекреација, соработка и забава.
УКЛО е дел од европската универзитетска алијанса КОЛОРС. Какви можности им отвора ова членство на студентите уште од првиот циклус?
УКЛО е дел од КОЛОРС алијансата повеќе од две години. Во изминатиот период се реализираат голем број на активности во рамки на алијансата. Тоа може да се види на веб страната од самата алијанса, како и на веб страницата на
УКЛО. Она што е важност за идните студенти е можноста за добивање на заедничка диплома со универзитетите од алијансата. Во тек е изработка на елаборати за заеднички студиски програми со универзитети од КОЛОРС алијансата. Тие програми ќе бидат акредитирани преку Европската агенција за квалитет на образованието – EQAA. Студентите кои ќе студираат на овие студиски програми ќе добијат диплома која ќе биде потпишана од единицата на УКЛО, но и од универзитетот кој е дел од КОЛОРС и од избраната студиска програма. Со тоа студентите ќе се здобијат со европска диплома, студирајќи на УКЛО и на другиот универзитет во странство. Покрај заедничките студиски програми, студентите преку КОЛОРС може да учествуваат во другите активности кои се наведени во претходниот текст. Овие можности беа промовирани преку кампањата за средношколци „Корени и крилја“ преку која на матурантите им се нудат можности за студирање на УКЛО со можност за реализаиција на дел од студиите во странство. УКЛО ги почитува корените на нашите студенти кои во најголем дел се од нашата држава, но им дава можности, односно крилја своите знаења и способности да ги надградуваат на европски универзитети.
Зошто изборот да биде токму УКЛО- која е пораката до идните бруцоши?
Секоја генерација студенти има право да бара повеќе и подобро. Ние тоа го почитуваме и сакаме да излеземе во пресрет на барањата на студентите. Најголем предизвик за новите генерации е да ја направиме нашата држава подобро и по-просперитетно место за живеење. Тоа не може да се постигне без младите. Ако младите заминуваат во странство и таму ја гледаат својата иднина, нема многу да придонесат за развојот на нашата држава и општество. Очекуваме да го прифатат предизвикот со тоа што ќе го вложат својот максимум во стекнување на знаења и вештини и заедно да дојдеме до крајната цел, развој на стручни и способни млади луѓе кои ќе знаат како да ги придвижат напред состојбите, да придонесат за својата благосостојба, но и за доброто на својата држава.
(Комерцијална објава)