Научниците го откриле заедничкиот корен на сите мрачни особини на личноста
Психолозите долго време зборуваа за „мрачната тријада“ која ги опфаќа психопатијата, нарцизмот и макијавелизмот како три темелни негативни човечки особини. Но, поновите истражувања покажуваат дека приказната е посложена и дека ги вклучува и садизмот, егоизмот, злобата и други мрачни склоности.
Научниците сега тврдат дека зад сите тие особини лежи едно заедничко јадро на темноста, пораширено отколку што се мислеше. Во студија од 2018 година психолози од Германија и Данска ја идентификуваа оваа движечка сила и ја нарекоа „Д-фактор“ или мрачен фактор на личноста, пишува „Сајенс алерт“.
Заеднички именител на мрачните особини
Теориската рамка за Д-факторот се заснова на концептот на таканаречениот Г-фактор, кој пред повеќе од еден век го предложил англискиот психолог Чарлс Спирман.
Тој забележал дека лицата што постигнале добар резултат на еден вид когнитивен тест по правило постигнуваат добри резултати и на други тестови за интелигенција, што укажувало на постоење „општ фактор на интелигенција“. Истражувачите на мрачните особини на личноста примениле слична логика.
- Мрачните аспекти на човечката личност имаат заеднички именител, што значи дека слично како и кај интелигенцијата, можеме да кажеме дека сите тие се израз на истата темелна склоност - појаснил психологот Инго Цетлер од Универзитетот во Копенхаген.
Како се мери „мрачниот фактор“?
Во низа од четири студии со повеќе од 2.500 учесници, Цетлер и неговите колеги ги мереле нивоата на девет различни мрачни особини: егоизам, макијавелизам, морално исклучување, нарцизам, чувство на привилегираност, психопатија, садизам, себичност и злоба. Учесниците го оценувале своето согласување или несогласување со низа изјави како што се: „Знам дека сум посебен бидејќи сите ми го кажуваат тоа“, „Ќе кажам што било за да го добијам тоа што го сакам“, „Тешко е да се успее без мамење одвреме-навреме“ и „Би било возбудливо да им нанесувам болка на луѓето“.
Статистичката анализа на собраните одговори покажала дека сите тие мрачни особини, иако се различни, во голема мера се преклопуваат. Таа заедничка основа е токму Д-факторот, кој кај различни луѓе се манифестира на различни начини.
- Кај некоја личност Д-факторот може да се манифестира првенствено како нарцизам, психопатија или некоја друга мрачна особина, или како нивна комбинација. Но, бидејќи го мапиравме заедничкиот именител, можеме едноставно да утврдиме дека некој има висок Д-фактор. Имено, тој фактор укажува на веројатноста дека личноста ќе се впушти во однесувања поврзани со една или повеќе од тие мрачни особини - вели Цетлер.
Длабоко вкоренет и постојан
Откако Д-факторот беше првпат идентификуван, Цетлер и неговите колеги поминаа речиси една деценија истражувајќи ја неговата распространетост, а откритијата стануваат сè поинтригантни. Лонгитудиналната студија од 2021 година, која четири години следела повеќе од 1.200 возрасни лица, покажала дека Д-факторот е најстабилната мерка за личноста, попостојана од која било поединечна мрачна особина како што се нарцизмот или психопатијата. Тоа сугерира дека она што го мери Д-факторот е длабоко вкоренето во личноста.
Најновото истражување, спроведено оваа година на повеќе од 8.000 луѓе во Германија, САД и Данска, открило јасен образец во изборот на професија. Луѓето со висок Д-фактор значително поретко работат во професии кои вклучуваат грижа за другите — како што се образованието, здравството или терапијата — а таквите работи по правило и не сакаат да ги работат. Можеби најинтересен е трудот објавен минатата година (2025 година) во списанието ПНАС (PNAS), кој открил дека Д-факторот не се разликува само меѓу поединците, туку и меѓу општествата.
Државите и американските сојузни држави со понеповолни општествени услови имале во просек повисоки колективни резултати на мерилата за мрачните особини. Тоа упатува на заклучокот дека иако Д-факторот е стабилна лична склоност, опкружувањето во кое живееме исто така обликува колку мрачни ќе станеме.
Практична примена на сознанијата
Освен што луѓето од љубопитност можат да ги проверат сопствените склоности, овие сознанија би можеле да доведат до нови спознанија во психологијата и терапијата, како и да го подобрат сфаќањето на злонамерните постапки.
-Тоа го гледаме, на пример, во случаите на екстремно насилство или кршење на правилата, лажење и измами во корпоративниот или во јавниот сектор. Во такви ситуации, познавањето на нечиј Д-фактор може да биде корисна алатка, на пример, за процена на веројатноста дека личноста ќе го повтори кривичното дело или ќе се впушти во други штетни однесувања - рекол Цетлер.
Фото: magnific