Хроничниот стрес предизвикува скриени воспаленија кои го ослабуваат срцето и го скратуваат животниот век
Хроничниот стрес предизвикан од секојдневниот живот може да предизвика трајни структурни промени на срцето, да го наруши здравјето и да го скрати животниот век. До овие заклучоци дојде обемна студија опфатена со истражување на речиси половина милион возрасни лица во Велика Британија, објавена во списанието „Јуропијан журнал оф превентив кардиолоџи“. Истражувањето, за кое се верува дека е најголемо од овој вид, го предводеа научници од Лабораторијата за медицински науки (ЛМС) и Кралскиот колеџ Лондон.
Хроничниот стрес е поврзан со штетните структурни промени на срцето
Студијата открива дека хроничното воспаление, кое има врска со социо-економската ситуација и начинот на живот на луѓето, е во директна врска со штетните структурни промени на срцето, како и со поголем ризик од срцев и мозочен удар. Истражувачите објаснуваат дека овие промени можат да се појават со години пред пациентите да почувствуваат какви било кардиоваскуларни симптоми и така стануваат опасна, скриена закана за здравјето.
- Нашата студија укажува дека милиони луѓе би можеле да живеат со скриено воспаление кое полека го менува нивното срце и предизвикува долготрајни оштетувања – зголемувајќи го ризикот од срцев и мозочен удар. Хроничното воспаление е сложено, но знаеме дека е поврзано со нашето здравје и е водено од низа фактори на начинот на живот и економски фактори – што значи дека луѓето можат да бидат во поголем ризик само поради своето опкружување, економскиот статус, здравјето на семејството и начинот на живот – предупредува професорот Деклан О’Реган, раководител на Катедрата за кардиоваскуларна вештачка интелигенција во Британската фондација за срце при Кралскиот колеџ во Лондон.
Сепак, додека решавањето на здравствените нееднаквости останува предизвик, постојат работи што можеме да ги преземеме во врска со воспалението, вклучително и намалување на ризик-факторите, како што се пушењето и дебелината, додава професорот О’Реган.
Што предизвикува трајно оштетување на срцето: Новите откритија за срцевата инсуфициенција би можеле да го забават или дури и да го запрат напредокот на срцевите заболувања
Тивок и невидлив процес во организмот
Хроничното воспаление претставува долготрајна блага активација на имунолошкиот систем. Претходно се доведуваше во врска со низа болести, вклучувајќи ги ракот и дијабетесот, а сè повеќе се препознава и како скриен двигател на болестите на срцето.
За време на најновото истражување, научниците анализираа податоци од базата УК Биобанк за речиси 480.000 возрасни лица. Користеа маркер од крвта познат како гликопротеински ацетили (ГликА), заедно со снимки од срцето и генетски податоци. Тие открија дека:
Поголем ризик од инфаркт имаат лицата со највисоко ниво на воспаление (топ 20 проценти). Ним им се заканува за 43 проценти поголем ризик од срцев и мозочен удар во споредба со оние со најниско ниво (долните 20 проценти).
Уочени се структурни промени на срцето кај лицата со поголемо воспаление. Кај нив се забележани задебелени срцеви комори, намалени срцеви шуплини и послабо полнење на срцето со крв – промени кои тивко се развиваат со години пред да доведат до срцева инсуфициенција.
Јасна е цврстата врска со стресот и сиромаштијата бидејќи покачените нивоа на воспаление беа во силна врска со социо-економската загрозеност, психичкиот стрес, но и класичните ризик-фактори како пушењето и вишокот телесна маст.
Лицата што имаа трајно покачено воспаление се соочуваа со 43 проценти поголем ризик од кардиоваскуларни настани, дури и ако претходно немале дијагностицирани заболувања на срцето.
- Изненадувачки беше колку социјалните фактори и менталното здравје имаат врска со воспалението и оштетувањето на срцето – покрај веќе добро познатите ризик-фактори како пушењето и неактивноста. Исто така, постоеше силен генетски фактор, при што некои луѓе се природно поотпорни или поподложни на воспалителни оштетувања кои произлегуваат од различните стилови на живот – истакнува професорот Деклан О’Реган.
Во тек се испитувања за нови терапии и рана дијагностика
Истражувачите нагласуваат дека луѓето што се генетски подложни или изложени на тешки животни околности, не се однапред осудени на развој на болести на срцето бидејќи многу нешта може да се направат за превенција.
Студијата идентификуваше клучни воспалителни протеини од семејствата интерлеукин-1 и ТНФ како веројатни двигатели на овие оштетувања. Неколку од овие протеини веќе се мета на нови лекови во клинички испитувања, што буди надеж дека противвоспалителните третмани би можеле да помогнат во спречувањето на кардиоваскуларните болести уште пред да се појават симптомите. Комбинирањето на тестовите на крвта за воспаление со генетските процени на ризикот би можело да помогне навремено да се идентификуваат пациентите на кои им е потребна рана интервенција.
Фото: magnific