Трикот на трговците со цени што завршуваат на 99 е стар над 140 години

Трикот на трговците со цени што завршуваат на 99 е стар над 140 години

Ако некогаш сте ја погледнале цената на етикетата, голема е веројатноста дека сте забележале ист шаблон - 299, 599, 1.999, денари. Како деветката некако да се подразбира кога се одредува цената на производот.

Иако денес веќе знаеме дека станува збор за маркетиншки трик, продавачите и понатаму го користат. Причината е едноставна: цената од 999 денари на прв поглед изгледа поповолно од 1.000 денари, иако разликата е само еден денар.

Меѓутоа, големото истражување што го спроведоа професорите Даниел Леви и Авичај Снир врз основа на податоци собирани со години од американските продавници, откри дека потрошувачите, кога купуваат артикли чија цена завршува на 9, не само што не го заштедиле тој еден денар, туку стоката во просек ја преплатиле за 18 отсто во споредба со сличните артикли со „нормални цени“.

Тие ги анализирале цените на сè - од сирење, преку грицки и сокови, супи, детергенти, па сè до тоалетна хартија и шампони, а заклучокот е дека кога цената на стоката завршува на деветка, по правило е поскапа од стоката што има цена без тој трик.

Секако, кај одредени прехранбени производи разликите се огромни - на пример, соковите чија цена завршува на деветка во просек се за 43 отсто поскапи од соковите што ја немаат таа финта на крајот, тоалетната хартија е поскапа за 35 отсто, бонбоните за 28 отсто, хартиените крпи за 23, а сапуните за 22,6 отсто.

Никој не знае кога и зошто точно во трговијата е воведена таа практика цените да завршуваат со бројот 9, но слична тактика била откриена уште во рекламите за „Мејсис“ од 1880 година, во кои одредени производи чинеле 1,99 и биле рекламирани како одлична можност.

Истражувањата денес покажуваат дека меѓу цените што завршуваат со деветки најчести се 9,99, а потоа следуваат 9, па 9,95 и 4,99.

Многумина се прашуваат зошто денес се инсистира на практиката за вака изразени цени кога потрошувачите многу добро знаат дека со тој еден денар нема значително да заштедат и дека станува збор за психолошки трик. Едно од објаснувањата е дека потрошувачите и онака ги читаат цените од лево на десно, па кога цената е изразена како 9,99 наместо 10, впечатокот е дека всушност се штеди цел денар, десет или сто.

Некои други истражувања покажуваат дека трговците ги заокружуваат цените на 99 во случаи кога нешто поскапуваат да го минимизираат ударот врз потрошувачите, додека при поевтинување на производите користат други трикови.

Докажано е и дека цените што завршуваат на 99 се главно „напумпани“ во однос на пазарно навистина најповолниот износ, па потрошувачите, кога размислуваат за купување нов телевизор, треба секогаш да се запрашаат дали тие 26.999 денари се навистина најповолното нешто што можат да го пронајдат?

Извор: n1info.rs
Фото: Magnific