Само пет држави поседуваат 70 отсто од останатата дивина во светот

Само пет држави поседуваат 70 отсто од останатата дивина во светот

По изминати децении на голема индустриска експанзија, планетата Земја е многу променета. Така, сега најнедопрените делови од нашата планета се во рацете на само неколку земји.

Имено, 70 отсто од останатата дивина им припаѓа на само пет држави. Реалноста за ширењето на ова уништување е илустрирана на нова глобална мапа на недопрените екосистеми наречена „Што остана?“. Одговорот е: не многу.

Исклучувајќи ги Антарктикот и отворениот океан, истражувањето покажува дека повеќе од 77 отсто од копното и 87 отсто од океаните директно биле модифицирани од човековите активности. Тоа значи дека само 23 отсто од светското копнено пространство сега може да се смета за дивина.

Фото: Science Alert

За да се сфати кој е одговорен за останатата дивина, истражувачите од Универзитетот од Квинсленд и Друштвото за заштита на дивината создале глобална мапа.

Резултатите посочуваат дека само 20 земји се одговорни за 94 отсто од светската дивина. А државите кои ги заземаат првите пет места: Русија, Канада, Австралија, САД и Бразил, се домови на најголемиот дел. Тоа се петте земји кои ќе имаат голема улога во иднината на нашата планета бидејќи ако не се заштитат и тие области, последиците може да бидат катастрофални.

Тие области не само што се засолниште за многу животни и растенија, тие исто така складираат и големи количини на јаглерод и се клучен одбојник против климатските промени и другите човекови влијанија.